Лични алати
Пријави се
Трага: Дома ФЕИТ Институти Автоматика и системско инжинерство

Автоматика и системско инжинерство

Институтот за автоматика и системско инженерство (АСИ) е една од организациските единки на Факултетот. Во негова надлежност се наставната и научно-апликативната дејност од областа на автоматиката и системското инженерство. Тековно, Институтот располага со наставен кадар што го сочинуваат: два редовни професори, еден вонреден професор, еден асистент, два помлади асистенти, еден демонстратор и еден редовен професор во хонорарен однос. Од наставната дејност Институтот целосно ја покрива наставата на студиската програма Компјутерско-системско инженерство и автоматика на насоката Компјутерска техника, информатика и автоматика во првиот циклус на образование по ЕКТС системот, а делумно учествува и во изведување настава на другите студиски програми/насоки на Факултетот. Покрај студиската програма на додипломските студии од првиот циклус на образование според ЕКТС, под надлежност на Институтот е и една студиска програма од вториот циклус – Компјутерско системско инженерство и автоматика.

Основите на кои е поставен Институтот денес ги имаат своите корени во првите десет години од постоењето на Факултетот. За она што денес претставува овој институт најзаслужни се двајцата доајени во областа автоматика на овие наши простори, проф. д-р Пане Видинчев и проф.д-р Георги Димировски. Во далечната 1964 година, тогаш доцент Милчо Коцаре, покрај предметите електроника и вовед во телекомуникациите го вовел првиот предмет од областа на автоматиката под име автоматизација и регулација. Веќе во мај 1966 година била одбранета првата дипломска работа по истиот предмет. Истата година на Електро-машинскиот факултет при отсекот електротехника бил избран за доцент Пане Видинчев, инженер и кандидат на технички науки по техничка кибернетика во Прага, со што почнува систематско развивање на областите автоматика и машини за сметање. Во 1967 година доцент Видинчев го реализирал предметот линеарно автоматско управување и ја напишал првата скрипта со предавања по истиот предмет. Веќе во зимскиот семестар во 1969/1970 година тој држел настава и од машини за сметање, кој подоцна бил трансформиран во предметот програмирање на дигитални и аналогни сметачки машини. Во летниот семестар на 1968/69 година на доцент Видинчев му се придружил како асистент Георги Димировски, па заедно несебично и предано се залагаат за развитокот на автоматиката и информатиката како научна дисциплина на Факултетот, а и како апликативна дејност во инженерството.

Доцент Видинчев како пионер, a во почетокот само како мал соучесник во насоката електроника, имал визија за новото време и новите технологии, па спровел системско воведување на инженерстватa по автоматско управување и по компјутерство на Eлектротехничкиот факултет и пошироко во Република Македонија. Заедно тие двајца го трасирале патот за развиток на областите што денеска се негуваат на Институтот, а и пошироко на Факултетот и во земјата. Во оваа пригода нашиот институт им оддава должна почит и благодарност за нивната несебична ангажираност и преданост за доброто и просперитетот на научните подрачја системско инженерство, автоматика и компјутациона интелигенција.

Постоењето и развитокот на Институтот, каков што е денес, е резултат на севкупниот развиток на Факултетот во овие 50 години. Почетоците би требало да се бараат на Техничкиот факултет, каде на електромашинскиот оддел на електротехничкиот отсек била формирана, меѓу другите, и Катедрата за електроника и автоматика.

Со отворањето на новата слабострујна насока електроника во 1970 год. применета е автоматизацијата во современа смисла.

Развитокот и зголемениот број на наставниот кадар за дисциплините што се негуваа на оваа насока, во академската 1971/1972 година довел до формирање на две катедри: Kатедра по електроника и Катедра по техничка кибернетика. Надлежностите и понатамошниот развиток на областите автоматика и пресметувачка техника припаднале на Катедрата по техничка кибернетика.

Тоа ја зголемило потребата од соработнички кадар, па веќе во 1972 година, во период од неколку месеци биле вработени три асистенти на Катедрата по техничка кибернетика, инж. Тихомир Мукаетов, инж. Бојан Соколов и инж. Аксенти Грнаров. Следната година, 1973, на почетокот на новата учебна година бил избран уште еден асистент, инж. Татјана Колемишевска-Гугуловска.

Со наставниот план од 1970/71 год. на насоката Електроника, Катедрата за техничка кибернетика учествувала со предметите: програмирање на дигитални сметачки машини, теорија на автоматска регулација 1, теорија на автоматска регулација 2, аналогни сметачки машини и сервомеханизми.

Со основањето на Електротехничкиот факултет една од формираните организациски единици бил Институтот за електроника. На овој институт, покрај другите областибила негувана и областа за системите на автоматско управување и автоматизација, ка кои за компјутерството и информатиката. За нивниот развиток се грижела Катедрата за техничка кибернетика.

Проширениот интерес за наставата на насоката електроника неминовно ја наложило потребата од воведување нови предмети од областа на автоматиката. Tака со наставниот план од 1980/81 година на насоката електроника, Катедрата веќе учествува со 9 предмети, и тоа: програмирање на дигитални сметачки машини, автоматизација на производни процеси, автоматизација на технолошки процеси, проектирање на САУ за производни процеси, нелинеарни системи на управување, компјутерско водење на процеси, аналогна и дигитална симулација, дискретни системи на управување, технички средства на автоматизација.

За потребите на изведување на наставата во 1980 година примен е нов наставник, доцент Билјана Перчинкова (која во 2005 год. го напушта Факултетот), а подоцна се вработени уште два асистента, во 1982 - инж. Елизабета Лазаревска и во 1986 – инж. Живко Ицев.

Веќе од следната 1981/82 учебна година се воведени постдипломски студии по насоката електромоторни погони во чии рамки се вклучени и одбрани предмети од автоматика, и тоа: како задолжителен, одбрани поглавја по автоматско управување, а како предмети за избор, автоматизација на производни процеси, идентификација на динамички процеси, компјутерско водење на процеси, проектирање на САУ за производни процеси.

Зголемениот интерес за новите насоки и трендови во електротехничката наука природно довело до брз развиток на насоката електроника во сите нејзини поднасоки. Набргу биле надминати нејзините кадровски можности и надлежности, па следувала нова организациска поставеност и поделба со формирање на новите организациони единици – заводите. Така, со Статутот од 1982 година, Катедрата за техничка кибернетика ја изгуби својата функција и прерасна во Завод за aвтоматика. Годините што следеа, обележани со револуционерниот развиток на електрониката и информатичко-телекомуникациските технологии, природно ја наметна потребата од поспецифично групирање на пооделните области кои се негуваа на Факултетот. Така, дотогашните заводи прераснаа во институти, меѓу кои, во 1995 година од Заводот за автоматика се изроди денешниот Институт за автоматика и системско инженерство (ИАСИ).

Во годините што следеа Инстиутот бил проширен со нови вработувања на два асистента, и тоа во 1990 година инж. Оливер Илиев (го напуштил Факултетот во 2006) и д-р Миле Станковски во 1997 година.

Во 2003 година ангажиран е проф. Стојче Десковски во наставата на пост дипломските студии на Факултетот, а од 2007 година хонорарно е ангажиран во наставата на додипломските студии на Институтот за АСИ при ФЕИТ.

Од учебната 2004/2005 година ИАСИ спроведува своја студиска програма од 8 семестри – Компјутерско-системско инженерство и автоматика – во првиот циклус на образование во рамките на Болоњскиот процес и ЕКТС системот. Студиската програма ја сочинуваат 11 задолжителни и 11 изборни предмети. Од учебната 2008/2009 година ИАСИ почна со изведување настава на вториот циклус (магистерски студии) според европ скиот процес на образование, со понуда од 15 предмети.

Зголемената наставна ангажираност ја наметна потребата од нови вработувања, па така, користејќи ги законските можности, беа вработени неколку соработници-демонстратори, и тоа во 2005 год. – инж. Весна Ојлеска, во 2006 - инж. Билјана Милева-Бошкоска, во 2007 – инж. Горан Стојановски и во 2009 – инж. Горан Владев.

ASI
Дел од наставниот кадар на Институтот

Во текот на изминативе децении на развиток, значајно е да се споменe богатата интерна издавачка дејност на ИАСИ. Таа произведе многубројни учебни помагала, скрипти, напатствија за вежби, интерни електронски материјали, како и книги изработени од членовите на Институтот. Тие ги покриваат обете области и сите подрачја што се изучуваат во курсевите од студиските програми на првиот и вториот циклус на образование.

Покрај тоа, значајно е да се нагласи постојаното учество на членовите на Институтот на домашни и меѓународни конференции, чии трудови се печатени во зборници и списанија. Од домашните, со највисоко реноме е конференцијата од областите електроника, телекомуникации, автоматика и информатика – ЕТАИ, која е организирана од Друштвото за ЕТАИ на Македонија. Иницијатор и основач на Друштвото е токму тогашниот раководител на ИАСИ, кој бил и претседател во повеќе мандати. Институтот дал уште еден претседател на Друштвото, а, пак, членови од Институтот биле и тековно се членови во Управниот одбор. Со не помало значење на бившите југословенски простори е и Југословенската конференција за ЕТАН (JU-ETAN), на која во 1975, 1983 и 1991 год. домаќин-организатор беа Друштвото и Факултетот. На JU-ETAN повеќепати награда за најдобар труд добиле членови на Институтот во подрачјата автоматско управување и роботика со флексибилна автоматизација.

Денес Институтот е ценет и почитуван субјект во релациите факултет-стопанство, за што говорат и некои капитални и значајни апликации од интерес за развитокот на нашето стопанство.

Во изминатите години на своето постоење на Институтот се изработени повеќе научно-истражувачки и апликативни проекти, и тоа: повеќепати проекти финансирани од Министерството за образование и наука, билатерални проекти со Р Словенија и Р Кина, проекти финансирани од USAID, идеен и основен проект за далечинско управување со хидросистемот „Стрежево“, идеен и основен проект за SCADA-системот за хидросистемот „Злетовица“ и многу други помали и поголеми апликации во стопански и нестопански организации.

Во периодот од 1995-1999 година членови на Институтот учествувале во макро-проект на Европската научна фондација под назив Управување на комплексни системи (ESF-COSY, Scientific Programme on Control of Complex Systems of the European Science Foundation, Strasbourg, France).

Наставен кадар на Институтот

Проф. Д-р Пане Видинчев, редовен професор во пензија (in memoriam)
Проф. Д-р Георги Димировски, редовен професор во пензија
Вон. Проф. Д-р Татјана Колемишевска-Гугуловска, Раководител на Институтот
Вон. Проф. Д-р Миле Станковски, Декан на ФЕИТ
Вон. Проф. Д-р Елизабета Лазаревска
Проф. Д-р Стојче Десковски
Доц. Д-р Игор Трајковски
Асистент М-р Весна Ојлеска, Раководител на Лабораторија за АСИ
Пом. Асис. М-р Билјана Милева-Бошкоска (работен однос во мирување)
Демонстратор М-р Горан Стојановски
М-р Живко Ицев
Демонстратор Горан Владев
М-р Тихомир Мукаетов
М-р Бојан Соколов (in memoriam)

Наставен кадар кој во одреден период бил во состав на Институтот

Проф. Д-р Биљана Перчинкова
Д-р Оливер Илиев

Веб страна на Институтот за автоматика и системско инженерство: http://asi.feit.ukim.edu.mk/
СКЕЕОР

skeeor1.png

ISO 9001:2008

Календар
март
« март 2017 »
повтсрчепесане
12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728293031