Лични алати
Пријави се
Трага: Дома ФЕИТ Институти Електроника

Електроника

Институтот за електроника (ИЕ) негува три основни научни и наставно-образовни облас ти: електроника, теоретска електротехника со дигитално процесирање на сигнали и електромагнетика. Се разбира, современиот развој во науката води кон сè поголемо поврзување на различни области поради што и дејноста на Институтот за електроника има допирни точки практично со сите други области што се негуваат на ФЕИТ. Имено, преку енергетската електроника ИЕ е поврзан со дејностите преобразба и искористување на електричната енергија, како и погонувањето на електроенергетски те уреди. Преку дигиталното процесирање на сигнали, а пред сè дигиталното процесирање на слика, видео и аудиосигнали, како и програмабилните електронски системи во фор ма на вградливи микрокомпјутерски системи ИЕ е длабоко поврзан со информациските и комуникациските технологии.

Основната дејност на Институтот е, секако, едукативната со која образува инженери од областа на електрониката. Институтот е носител на студиската програма Електроника, радиотехника и процесирање на сигнали, преку која создава инженери способни да се соочат со модерните предизвици на микроелектронските технологии, дигиталните системи за обработка и радиопренос на сигнали, како на пример аналогната и дигиталната телевизија, радио, аудио и видеотехника, што го чинат секојдневието на денешниот живот, но исто така и инженери што можат да креират склопови и уреди за оптимално искористување на енергијата во согласност со денешните еколошки барања.

Својата посветеност кон посочените области членовите на Институтот ја изразуваат и преку интензивната истражувачка дејност, а во повеќе проекти и соработка со стопанството ја имаат покажано и практичната употребливост на своите знаења и вештини.

Може да се каже дека Институтот за електроника претставува еден од столбовите на ФЕИТ – директно произлезен од неговите темели. Како наследник на Катедрата за електроника на eлектромашинскиот отсек од Техничкиот факултет во Скопје, поставена во 1965 год., Институтот за електроника е во допир со сите нови гранки што подоцна произлегоа од него (телекомуникации, автоматика и компјутерско инженерство со информатика). Зачетоците на Институтот за електроника датираат во далечната 1963 год. кога дипл. инж. Милчо Коцаре е избран за предавач на Техничкиот факултет (на електромашинскиот оддел – електротехнички отсек) по предметите основи на електрониката и увод во телекомуникациите. Исто така како асистент по предметот основи на електротехниката е вработен и дипл. инж. Момчило Богданов, кој доаѓа во Скопје од Универзитетот во Белград. По магистрирањето тој е избран за доцент во 1964 год.

Во тоа време Техничкиот факултет е организиран во катедри, меѓу кои се и Катедрата за електроника и Катедрата за теоретска електротехника. Од 1965 год. на новоформираниот Електро-машински факултет е формирана, а потоа во новата зграда од 1967 год., продолжува да функционира Лабораторијата за електроника и автоматика. Во истата година како лаборант е вработен Цветан Гавровски, кој останува на оваа должност до 1982 година, а денес е редовен професор при институтот за електрични мерења и материјали. Во истата година Статутот на Електро-машинскиот факултет предвидува насока автоматика и индустриска електроника на електротехничкиот отсек, но „слабострујната“ насока, т.е. електроника, заживува дури во 1970 год.

Во наредните години настапува интензивен развој на електрониката (кон која се при клонува и Катедрата за теоретска електротехника). Во почетокот дел од предметите покриваат наставници од Белград, Ниш и Загреб, но постепено се оформува сопствен кадар, и тоа: во 1969 год. е вработен Томислав Џеков, во 1970 Софија Богданова, а во следната, 1971, Љубен Јанев и Гоце Арсов. Методија Камиловски се вработува во 1972 год., а истата година е оформено и одделението за електронски мерења, како и посебна Лабораторија за електроника. Во 1973 год. од Катедрата за електроника се издвојува посебна Катедра за кибернетика, како зачеток на денешните институти КСИА и КТИ. Во овој период, поточно во 1975 год., е вработен и Љупчо Пановски.

По раздвојувањето на Електротехничкиот факултет и Машинскиот факултет во 1976 год. примени се, прво во 1976 год., Драган Ничота, а две години подоцна и Лидија Ололоска-Гагоска. Во 1978 год. се воведени нови програми и насоки со кои од насоката Електроника се формираат насоките Електроника и телекомуникации и Информатика и автоматика, а дотогашните катедри се преорганизираат во два института од кои едниот е Институтот за електроника. Ваквата состојба, поради гломазноста на институтите, трае кусо и набрзо се формираат десет заводи. Од Институтот за електроника настануваат заводите за: електроника, телекомуникации, автоматика и компјутерска техника и информатика. Во тој период се вработени колегите: Гоце Шутиноски во 1981 год., Јосиф Ќосев во 1983, Марио Макрадули во 1985, Слободан Јовановски во 1986 - но тој по две години заминува во Телеком на Словенија. Во истиот период неколку години како асистент работи и Драгица Василеска, која денес е професор на Државниот Универзитет на Аризона.

По иновирањето на програмите на ЕТФ и преименувањето на дотогашните заводи во институти примени се уште неколкумина колеги. Така, во 1989 год. е вработен Љупчо Караџинов, во 1991 Зоран Ивановски, во 1992 Катерина Ралева-Андонова и во 1998 Димитар Ташковски. Во областа електроника настанува долг период во кој нема нови вработувања. Дури во периодот на донесувањето на новите програми и режим на студирање по ЕКТС во 2004 год. Институтот за електроника е засилен со помладите асистенти Томислав Карталов и Владица Сарк, кои се вработени во 2005, а истата година како демонстратор е ангажиран и Владо Китановски. Во наредните години се ангажирани уште неколку демонстратори: во 2007 год. Бранислав Геразов и Андријана Кухар, а во 2009 и Дарко Цветковски.

e
Дел од наставниот кадар на Институтот

Денес Институтот за електроника го сочинуваат единаесет наставници и осум соработници кои го носат товарот на наставната, научната и апликативната дејност. Сепак, важно е да се споменат и професорите кои гостувале за да воведат нови области во електрониката: Златко Смркиќ од ЕТФ Загреб за предметот телевизија, Александар Ѓурков за сигнално-сигурносна техника, Александар Дамјановиќ од ЕТФ Белград за електроакустика, Драган Димитров од Техничкиот факултет Битола за електронски мерења, Бранко Ѓеорѓиев од РТС за радиотехника, но и професорите кои презеле товар кога било потребно да се помогне: Петар Биљановиќ за електронски елементи и Славољуб Марјановиќ за импулсна техника, двајцата од ЕТФ Белград, Радмила Петковиќ за теорија на електрични кола, Драгутин Величковиќ за електромагнетни бранови, двајцата од Електронскиот факултет Ниш и Зоран Тасиќ од РТС за предметот телевизија.

Првите програми од областа електроника се донесени во 1971 година почнувајќи од V до IX семестар. Следните програми се донесени во 1980 год., а последен пат се иновирани во 1992 год. Почнувајќи од 2004 год. воведени се четиригодишни студии според ЕКТС со новата студиска програма Електроника, радиотехника и процесирање на сигнали (ЕРПС) чии програми се изработени од наставниците и соработниците при Институтот за електроника.

Постдипломските студии на ЕТФ од областа електроника се воведени 1981 год. и се од менторски тип. Во сличен облик се изведуваат и докторските студии. Во периодот 1997-2001 год. на постдипломските студии воведени со Темпус проектот JEP-12103-97, предавања држат гостувачки професори: David Hamill, Javier Uceda, Jose Cobos, Luis Martinez Salamero, Fernando Briz, Keith Bateson, Piero Maranesi и Marco Riva. Почнувајќи од 2008 год. воведени се едногодишни магистерски студии според ЕКТС системот за кои Институтот за електроника нуди три студиски програми: Вградливи микрокомпјутерски системи, Дигитално процесирање на сигнали и Енергетска електроника. Во 2009 год. Институтот е во подготовка за новите докторски студии при интегрираниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Институтот за електроника дал и значаен продонес во издавачката дејност на Факултетот и Универзитетот, почнувајќи од учебните помагала по теорија на електрични кола од проф. Богданов во седумдесеттите години, средношколските учебници по основи на електротехниката од проф. Јанев и проф. Ололоска, како и електроника од проф. Камиловски или, пак, универзитетските книги од дигитално процесирање на сигнали од проф. Богданов/Богданова, електроника од проф. Камиловски и електромагнетика од проф. Јанев во осумдесеттите и деведесеттите години, сè до денешната богата листа на универзитетски учебници. Методија Камиловски е автор на универзитетските учебници: „Електронски мерења“ (2000), „Електроника“ (2002), „Електроника 2, дигитална електроника“ (2003) и „Електроника 1, електронски елементи“ (2005). Автор на учебниците „Елементи на микробрановите системи“ (2001), „Електромагнетика 1“ (2002) и „Електромагнетика 2“ (2006) е Љубомир Јанев, додека Момчило Богданов е автор на „Теорија на електрични кола – кола со концентрирани параметри“ (2008). Во постапка е излегувањето на книгата „Cutting Edge Nanotechnology“, каде свој придонес даваат авторите Dragica Vasileska, Katerina Raleva и Stephen M. Goodnick, во поглавјето „Heating Effects in Nano-scale Devices“, а издавач е IN-TECH.

Институтот за електроника остварувал перманентна соработката со стопанството преку: реви зии на проекти од сигнално-сигурносна техника за потребите на железниците, телефонски централи за потребите на ПТТ, видеонадзор и обезбедување; испитувања на уреди во однос на електромагнет ната компатибилност и безбедност за употреба (атести), како и низа проекти за развој на електронски уреди: Развој, усвојување и примена на микропроцесорски единици во електромоторни тиристорски системи, „Емо’“- Охрид и РЗНД на Македонија (1986-1988); Автоматизирана дистрибуција на нафтени деривати, „Макпетрол/Теас“ - Скопје и РЗНД на Македонија (1989-1990). Оваа соработка постои и денес, а позначајни проекти што ја илустрираат се: Development of Switch-Mode Power Supplies for Indus trial Applications, GTZ-Tehnology Transfer, (2004); Компјутерски систем за евиденција на наплатата на патарина, Агенција за државни патишта на РМ, (2008, 2009); Развој на хардверско-софтерски продукти од областа на мерење и анализа на машински вибрации во технолошките постројки, „ИНА Енергосистем“ - Скопје, (2008, 2009).

Членовите на Институтот за електроника се активни во научно-истражувачката дејност во Република Македонија, за што говори низата домашни научно-истражувачки проекти реализирани во последните десет гоцини финансирани од МОН: Високофреквентни прекинувачки преобразувачи на енергија, (2000-2003); Безиндуктивни прекинувачки преобразувачи на енергија, (2000-2003); Вејвлети, кодирање во подопсези и блок трансформации: примена во комуникации и мултимедија, (2000-2003); Современ пристап во дигиталната компресија на видеосеквенци, (2001-2004); Електромагнетни ефекти и влијанија на медицинската опрема врз околината и лицата – моделирање и визуелизација, (2003 – 2006); Ретинотропно процесирање на визуелни информации: имплементација на динамички невроморфни мрежи за просторно-временско процесирање статистички сигнали, (2003-2005); Софтверско-хардверско моделирање и симулација на уреди за напојување базирани на горивни ќелии, (2006-2009).

За присуството на меѓународната научно-истражувачка сцена говори низата меѓународни и билатерални проекти реализирани во последните десет години. Во овој контекст може да се споменат неколкуте Темпус проекти, во кои ФЕИТ се јавува и како координатор: Development of Power Electronics Courses, (1998-2001); Initiation of blended learning system, (2005-2006); Computer Supported Colaborative Learning, (2006-2007); Master Studies in DSP based on Blended Learning Approach, (2006-2009). Освен овие, реализирани се и уште неколку проекти финансирани од различни програми (FP6, DAAD и сл.) како што се: Reinforcement of the Center for Integrated Microsystems and Components, (2007-2009); GRid eInfrastructure and Networking with Kosovo, (2008-2009); Embedded Systems Design, (2009); Research in Image and Video Processing – for NXP software (2008-2009); Алгоритми за интелигентни системи за видео надзор применливи на модерни дигитални процесори за мултимедија – билатерален македонско-словенечки проект, (2007-2008).

Научно-истражувачката работа на Институтот е документирана и во низа објавени трудови во меѓународни списанија, а во последните десетина години тие се: IEEE Transaction on Industrial Electronics, IEE Proceedings, IEEE Transactions on Industry Application, International Journal of Electronics, Journal of Circuits, Systems and Computers, IEEE Transaction on Power Electronics, ELECTRONICS, Facta Universitatis, Monte-Carlo Methods and Applications, IEEE Transactions on Electron Devices, IEEE Electron Device Letters, Journal of Computational Electronics, Journal of Computational and Theoretical Nanoscience, Mathematics and Computers In Simulations, International Journal of Signal Processing, International Journal of Online Engineering.

Листата на конференции на кои учествувале членовите на Институтот само во последните десетина години е импресивна: IEEE AP-S International Symposium and URSI Radio Science Meeting, IEEE Conference on Nanotechnology, IEEE PESC, IEEE IAS Annual Meeting, IEEE IECE, IEEE Int. Symposium on Intelligent Signal Processing and Communications Systems, APBME’2000; NUMELEC, ICCEA, EDISON, IWCE, ICPS, SISPAD, ISDRS, Eurotherm Conference, EPE, ISIE, EPE-PEMC, MELECON – IEEE R8, EUROCON – IEEE R8; DECOM, International Simposium on Power Electronics (EE-Novi Sad), OPTIM, MEEMI Congress, IMCL, IWSSIP, International Conference on Interactive Computer Aided Blended Learning, International conference SETIT, EURASIP Conference EC-VIP-MC, International Conference on Signal Processing, ISPACS. Кон тоа треба да се додаде дека членовите на Институтот на конференциите често биле и членови на програмскиот или огранизациониот одбор. Последен пример е организацијата на конференцијата EPE-PEMC во 2010 год. чиј носител е ФЕИТ.

Членови на Институтот за електроника (проф. Арсов и проф. Караџинов) се иницијатори и основачи на Македонската секција на IEEE.

Наставен кадар на Институтот


Наставен кадар кој во одреден период бил во состав на Институтот

Проф. Д-р Томислав Џеков
Д-р Драгица Василеска
Бранко Георгиев (in memoriam)
Александар Ѓурков
Отворен ден на ФЕИТ

od3.png

ISO 9001:2008

Календар
мај
« мај 2017 »
повтсрчепесане
1234567
891011121314
15161718192021
22232425262728
293031