Лични алати
Пријави се
Трага: Дома ФЕИТ Институти Компјутерски технологии и инженерство

Компјутерски технологии и инженерство

Постоењето и развитокот на Институтот за компјутерска техника и информатика (ИКТИ), каков што е денес, е резултат на севкупниот развиток на факултетот во овие 50 години. Почетоците би требало да се бараат во академската 1971/1972 година кога се формираа две катедри: Kатедра по електроника и Катедра по техничка кибернетика. Во тоа време набавен е првиот компјутер на Факултетот ИБМ 1130 и формирана е лабораторија за обработка на податоци. Тоа овозможи започнување со првите наставни дисциплини поврзани со програмирање и дигитални сметачки машини. Со основањето на Електротехничкиот факултет 1977 г., една од формираните организациони единици беше Институтот за електроника, кој покрај другите области ја негуваше и областа за компјутерството и информатиката.

Вистинскиот развој на областа компјутерска техника и информатика започна со формирањето на Заводот кој потоа прерасна во Институт за комјутерска техника и информатика во раните осумдесети години. Првите наставници кои ги формираа основните области кои ги негува ИКТИ се А. Грнаров, Д. Давчев, С. Божиновски и Д. Михајлов. Меѓу првите области кои почнаа да се негуваат беа компјутерски архитектури и мрежи, системски софтвер, вештачка интелигенција, обработка на податоци и бази на податоци. Позначајно окрупнување на Инситутот се случи во раните девеесети години кога тој се збогати со наставниците: З.Зографски, К.Гошева, А.Тентов, С. Лошковска и Г.Стојанов. Во доцните девеести години Институтот го напуштија и својата каријера ја продолжија во САД и Европа професорите С. Божиновски, З. Зографски, К. Гошева и Г. Стојанов. По 2000г. Институтот се прошири со нови наставници и тоа: В. Трајковиќ, Д. Ѓорѓевиќ, С. Гиевска, Д. Трајанов, А. Кулаков, С.Калајдзиски, С.Филиповска и И.Чорбев. Во 2007г. на Институтот му се придружи Акад. Љ. Коцарев, а во 2008 замина на друг Универзитет А. Грнаров.

Овој институт денес е одговорен за покривање на предметите од областа на комјутерска техника и Информатика на модулот ИКИ во рамки на насоката КТИА при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). ИКТИ опслужува 38 предмети во зимскиот и 51 предмети во летниот семестар на додипломските студии пред се на насоката ИКИ, но исто така и на останатите насоки на ФЕИТ. Одговорен е или активно учествува во 10 последипломски студиски програми. ИКТИ организира и тригодишни студии по Информатика. Како основни области кои се формирани на ИКТИ може да се наведат: комјутерски архитектури и мрежи, сигурност и криптографија, алгоритми и структури на податоци, бази и складови на податоци со податочно рударење, дистрибуирани, мултимедиски, информациони и мобилни системи, оперативни системи и системски софтвер и софтвер за управување со мрежи, микропроцесори и вгнездени системи, безжицни, мобилни и сензорски мрежи, биотехнологии и екотехнологии, Веб апликации и сервиси, компјутерска графика, софтверско инжењерство, вештачка интелигенција и роботика, е-технологии. Повеке десетици доктори на науки од областа на КТИ ги имаат завршено студиите на овој Институт. На ИКТИ тековно има 13 наставници од кои 5 се редовни професори, 2 се вонредни професори и 6 доценти и 22 соработници.

kti
Дел од наставниот кадар на Институтот

Во текот на скоро 30 години од неговото постоење ИКТИ бил и е клучна Институција од областа на КТИ во Р.Македонија. ИКТИ ја формираше и првата универзитетска компјутерска мрежа на УКИМ (раководител А.Грнаров). Во реализација на мрежата непосредно учествуваа и Д. Давчев и Д. Михајлов. Првиот идеен проект со прототипско решение за информационен систем за УКИМ е исто така дело на ИКТИ (раководител Д. Давчев). За одбележување е проектот од 1987-1990 под наслов Моделирање на високо надежни дистрибуирани воздухопловни пресметувачки системи за потребите на Воздухоплоство на ЈНА-екс Југославија (раководител А. Грнаров).

Покрај големата наставна ангажираност со најголем број на студенти во однос на било која друга насока на факултетот, ИКТИ има постигнато и многу значајни резултати во научно-истражувачката работа. Неговите членови објавиле над 2000 трудови на научни конференции од кои многу на меѓународни (IEEE & ACM) и околу 150 трудови во меѓународни списанија (како на пример во престижните IEEE Transactions on Software, IEEE Transactions on Circuits, IEEE Transactions on Systems, Man, Cybernetics и други реномирани светски списанија воглавно од IEEE & ACM). Цитираноста на овие трудови според СЦИ е околу 5000 пати. Добиени се повеќе признанија од типот “Best paper award”. ИКТИ има објавено десетина учебници, десетина научни книги, изработено повеке од 100 меѓународни проекти и исто толку домашни проекти поврзани со македонската индустрија. Најголемите софтверски проекти се изработени од членови на ИКТИ, како што е проектот за Искра Делта (1986, раководител Д. Давчев) и КИСОЕС (1991-1994, раководител Д. Давчев) за ЕСМ. ИКТИ работел проекти финансиски подржани од Американската агенција за наука (NSF_USA, Д. Давчев и Љ. Коцарев), DARPA_USA (Љ. Коцарев), FP- EU програмите (Д. Давчев, Љ. Коцарев, А. Кулаков, В. Трајковик, Д. Трајанов и С.Филиповска), ТЕМПУС програмите и многубројни билатерални меѓународни проекти во кои учествувале сите членови од Институтот. С. Лошковска, Д. Ѓорѓевиќ и А.Кулаков имаат долгогодишно раководно учество во македонската IEEE секција.

Институтот и неговите членови имаат добиено поголем број награди и признанија. Како на пример, Љ. Коцарев е член и секретар на МАНУ, како и IEEE Fellow. Д. Давчев е добитник на наградата Гоце Делчев за истражувања во што се од специјален интерест за Р.Македонија, и е IEEE Senior Member & ACM Senior Member. А. Грнаров со група соработници е добитник на наградата “11 октомври”, додека пак С. Божиновски е добитник на нагрдата “13 ноември”. Повеке членови од ИКТИ биле и се Визитинг професори во САД и други земји во Европа и светот (Љ. Коцарев, Д. Давчев, А. Грнаров, С. Божиновски, Г. Стојанов, З. Зографски, С. Гиевска, К.Гошева и други). Некои членови од ИКТИ биле членови и рецензенти на повеќе десетици програмски комитети на меѓународни конференции, членови и рецензенти на повеќе десетици докторати во странство (САД, Франција, Италија и други).

Вредно е да се одбележи дека во 2000г. преку PHARE проект од ЕУ е формиран регионален центар за Отворено и Далечинско учење под директна управа на ИКТИ (раководител Д. Давчев). Во овој центар развиени се првите курсеви за далечинско образование во Р.Македонија. Напредните технологии во образованието се предмет на континуирано истражување. Преку многубројни проекти ИКТИ континуирано и самостално ја обновува опремата во тој центар. ИКТИ прв на УКИМ ја воспостави безжичната мрежа, и тоа пред се за техничкиот кампус (главни учесници Д. Давчев, В. Трајковиќ и С. Калајџиски). На тој начин стана можна употребата на безжичните и мобилните уреди во наставата, истражувањата и апликациите. Во центарот по прв пат се оствари видеоконференциска комуникација за настава на далечина. Првите консултации од овој тип беа остварени со Техничкиот факултет во Битола (главни учесници Д. Давчев, В. Трајковиќ и С. Калајџиски).

ИКТИ е одговорен и за развој на Факултетската лабораторија за обработка на податоци (ФЛАОП). А. Тентов од ИКТИ е долгогодишен раководител на таа лабораторија која го опслужува целиот Факултетот за електротехника и информациски технологии. ИКТИ редовно учествувал во организацијата на националната конференција ЕТАИ со забележителен број на сесии и трудови. Членови од ИКТИ во соработка со Институтот за Информатика од ПМФ ја формираа Асоцијацијата за информатичко – комуникациски технлогии ICT-ACT како прва од овој тип во Р.Македонија. Во соработка со Институтот за Информатика од ПМФ, членови од ИКТИ во Септември 2009 во Охрид ја организираа првата меѓународна конференција во Р.Македонија од областа со која се бави под наслов “ICT Innovations 2009” со избрани пеесетина трудови кои се печатени во SPRINGER – VERLAG.

Наставен кадар на Институтот

Проф. Д-р Аристотел Тентов, Раководител на Институтот КТИ, Раководител на ФЛАОП
Доц. Д-р Марија Календар
Доц, Д-р Сања Велева
Асистент М-р Јани Макрадули (во мирување)
Дем. М-р Гоце Докоски
Дем. Маја Маленко
Дем. Горан Јакимовски

Наставен кадар кој во одреден период бил во состав на Институтот

Проф. Д-р Стево Божиновски
Проф. Д-р Аксенти Грнаров
Проф. Д-р Златко Зографски
Д-р Георги Стојанов
Проф. Д-р Данчо Давчев,
Проф. Д-р Драган Михајлов
Академик Проф. Д-р Љупчо Коцарев
Проф. Д-р Сузана Лошковска
Вон. Проф. Д-р Владимир Трајковиќ
Вон. Проф. Д-р Дејан Ѓорѓевиќ
Доц. Д-р Димитар Трајанов
Доц. Д-р Андреа Кулаков
Доц. Д-р Соња Гиевска-Крлиу
Доц. Д-р Слободан Калајџиски
Доц. Д-р Соња Филипоска
Доц. Д-р Иван Чорбев