Институт за електрични централи и разводни постројки

Институтот за елeктрични централи и разводни постројки (Институт за ЕЦРП) е еден од институтите основачи на нашиот факултет. Овој Институт во изминатиов период дал извонреден придонес во образовната, научно – истражувачката и апликативната дејност на домашен и меѓународен план. Специфичниот научен и стручен интерес на  Институтот се согледува преку следниве тематски области: производство на електрична енергија, разводни постројки, експлоатација на електроенергетски постројки, релејна заштита, проектирање и градба на електроенергетски објекти, обновливи извори на електрична енергија, енергетска ефикасност и околина, управување и контрола на електрични централи и разводни постројки, софтверски алатки за проектирање на електроенергетски објекти, енергетско – економски анализи и проектен менаџмент. Наставно – научните активности на ИЕЦРП се одвиваат во рамки на Лабораторијата за релејна заштита и Лабораторијата за соларна енергетика.

Во моментов кадарот на Институтот го сочинуваат: проф. д-р Антон Чаушевски – раководител на Институтот, проф. д-р Вангел Фуштиќ , проф. д-р Атанас Илиев, проф. д-р Димитар Димитров, вонр. проф. д-р Невенка Китева Роглева, вонр. проф. д-р Софија Николова – Поцева, асистент м-р Наташа димишковска.

проф. д-р Д. Димитров, проф. д-р С. Николова – Поцева, проф. д-р В. Фуштиќ, вонр. проф. д-р Н. Китева Роглева, Н. Петрова, проф. д-р А. Чаушевски (од лево кон десно)

Дејноста на Институтот за ЕЦРП почнува уште во 1959. година кога во рамките на eлектромашинскиот оддел при Техничкиот факултет во Скопје е застапен предметот eлектрични централи и разводни постројки. Во 1961 година се отвора eлектротехнички отсек при што во рамките на наставниот план сe застапени предметите: производство на електрична енергија, eлектрични централи и eлектрични централи и разводни постројки. Во 1961 година е формирана Kатедрата за електрични централи и разводни постројки. Со статутот од 1982 година Kатедрата за електрични централи и разводни постројки прераснува во Завод за електрични централи и разводни постројки, за во 1995 година се изроди денешниот Институт за ЕЦРП.

Освен претходно наведениот тековен кадар, низ годините на своето постоење, на Институтот во наставниот процес биле вклучени следните наставници и соработници: проф. Димитар Грчев (in memoriam), основач на Институтот; академик проф. д-р Томе Бошевски (in memoriam); проф. д-р Мито Златаноски (in memoriam); проф.  д-р Арсен Арсенов; проф. д-р Кирил Коцев; д-р Никола Попов, како асистент; асистент Крсте Мачковски (in memoriam); д-р Марјан Попов, како асистент; лаборант Димитрија Дилевски (in memoriam), и демонстратор Наталија Петрова.

Во рамки на наставната дејност ИЕЦРП е носител на студиската програма Електроенергетика, управување и менаџмент на додипломските академски студии. Наставниците и соработниците од ИЕЦРП покриваат настава од предметите: електрични централи, разводни постројки, релејна заштита, проектирање на електроенергетски објекти, експлоатација на електроенергетски постројки, обновливи извори на електрична енергија, управување на електроенергетски објекти, заземјување, професионален ризик и безбедност во електроенергетски постројки, компјутерско моделирање во електроенергетиката, софтверски алатки во електроенергетиката, проектен менаџмент, менаџмент и инженерска економика, енергетска ефикасност и менаџмент на животна средина, ветерни електрични централи, мали хидроелектрични централи, нуклеарни електрични централи, когенеративни постројки и други. Наставниот кадар од Институтот за ЕЦРП е активно ангажиран на постдипломските студии на следниве студиски програми: Електроенергетика, Проектен менаџмент, Обновливи извори на енергија и Енергетска ефикасност, животна средина и одржлив развој, при што Институтот е носител на студиските програми: Електроенергетика и Проектен менаџмент. Исто така наставниците од ИЕЦРП се одговорни за низа предмети на докторските студии на УКИМ во рамки на студиска програма Електротехника и информациски технологии.

Издавачката дејност на ИЕЦРП во изминатиов период остварува континуитет во издавање на: учебници, збирки задачи, интерни скрипти од предавања, интерни скрипти од вежби, упатства за лабораториски вежби и друго.

Една од основните дејности на ИЕЦРП е и научно – истражувачката дејност. Во изминатиот период, на Институтот се изработени повеќе научно – истражувачки проекти. Во последните 10 години најзначајно е да се споменат следните национални научни проекти: „Technical Assistance for the Regulatory Energy Commission of Macedonia”, (IPA / 2009 / 216 – 889), финансиран од Европската комисија, 2009 – 2010; „Проектирање на повеќенаменска сончева и ветерна електрана“, финансиран од УКИМ, 2012; Менаџмент на ризик во елетроенергетските објекти на ЕЕС во Р. Македонија (2017 – 2018); „Развој на паметен фотоволтаичен акумулациски модул” (2019 – 2021). Додека од меѓународни проекти се: „Promotion of Decentralized Energy Production from Renewable Energy Sources (EnerGain)”, (INTERREG – IPA CBC Programme Bulgaria – Republic of Macedonia), (2016 – 2018); „PV – ESTIA – Enhancing storage integration in buildings with Photovoltaics”, (INTERREG V – B Balkan – Mediterranean 2014 – 2020) (2017 – 2019),

„Support for Solar PV and Wind PP Programme (in R. Macedonia)“, ÅF Consult, EBRD (2018 – 2019).

Особено е  важно да се истакне и афирмацијата на Институтот преку публикување на научни и стручни трудови од областите што се негуваат на Институтот на разни домашни и меѓународни конференции, списанија и советувања. Научно – истражувачката работа на членовите на Институтот во областите од интерес во периодот 2009 – 2019 година резултира со над 50 труда објавени во меѓународни и домашни научни списанија, над 90 научни труда објавени на домашни конференции, како и над 70 труда објавени на меѓународни конференции. Поважните списанија во кои се објавени трудови се: IEEE Conferences, ELSEVIER, International Journal on Information Technologies and Security, Journal of the Technical University – Sofia „Fundamental Sciences and Applications”, BgNS TRANSACTIONS, Стручно списание ЕНЕРГЕТИКА, Пресинг. Членовите на ИЕЦРП се редовни активни учесници на домашните конференции како што се: МАКО СИГРЕ, EТАИ, ЗЕМАК. Од меѓународните конференции каде учествувале членовите на Институтот би ги издвоиле конференциите: SAER, ICEST, InfoTech, GREDIT, Power – Ecology – Economy, Renewable Energy Sources, Control of Power Systems, SDEWES, PRONASEM, BALWOIS, GCREEDER, BgNS Conference, Nuclear Energy for New Europe, EMAN, MANAGEMENT, Information, Communication and Energy Systems and Technologies.

Членовите на ИЕЦРП се активни учесници во низа програмски и организациски одбори на меѓународни и домашни конференции, меѓу кои: МАКО СИГРЕ, ЗЕМАК, InfoTech, BgNS Conference, RES, PEE.

Институтот пособено внимание посветува и на апликативната дејност. Така, членовите од Институтот се ангажирани во повеќе апликативни проекти и студии. Институтот има традиционална соработка со домашни релевантни стопански субјекти во решавање на високостручни задачи од доменот на дејноста на Институтот. За таа цел членовите на ИЕЦРП изработиле голем број студии, идејни проекти, главни проекти, ревизии, експертизи, испитувања и стручни мислења за важни електроенергетски објекти во Република Македонија. Во последните 10 години најзначајно е да се спомне учеството на членовите на Институтот во следниве: Физибилити студија за електрификација на манастирскиот комплекс „Св. Преображение“, во близината на Крушево, со хибриден фотоволтаичен систем, ЕВН Македонија, 2009; Студија за техничките перформанси на фотоволтаични електрични централи, лоцирани во регионите: Гевгелија и Струга, Нова енергија ДОО – Скопје, 2009; Студија за техничките карактеристики на фотоволтаичната електрична централа со моќност од 900 kWp, сместена во близината на с. Старо Лагово, Труст консалтинг ДОО – Скопје, 2009; Студија за перформансите на фотоволтаична електрична централа, лоцирана во близина на с. Гнеотино, Торпедо – Мобил ДОО – Битола, 2009; Физибилити студија за перформансите на фотоволтаична електрична централа со моќност од 49 kW, лоцирана во кругот на ЕКОЕФЕКТ ДОО – Кочани, 2011; Основен проект за Фотоволтаична електрична централа (ФВ електрана) Торпедо – Мобил, 2010; Проект на изведена состојба, Фотонапонска електроцентрала Торпедо − Солар ГТ 993,6 kW, 2012; Студија за развој на човечки ресурси за потребите на Дирекцијата на АД ЕЛЕМ, 2014; Студија (Финален Проект – концепт) за човечки ресурси и едукација, за инфраструктура за нуклеарна енергетика за потребите на Дирекцијата на АД ЕЛЕМ, 2017.