Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Четврта студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР

Четврта студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР

Студентите активни во пронаоѓање практични решенија за

енергетската ефикасност и одржливиот развој

 

Во периодот од 24ти до 26ти ноември 2016 година под покровителство на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии се одржа четвртата по ред студентска конференција „Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој“ – СКЕЕОР 2016. Од година во година конференцијата добива се поголем размер, а заинтересираноста меѓу студентите постојано се зголемува. Главен организатор на студентската конференција е Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој СКЕЕОР – Скопје кое што меѓу другото се стреми кон подигнување на свеста за потребата од енергетска ефикасност и одржлив развој и преку вакви настани им овозможува на студентите да се вклучат во научно-истражувачката дејност.

„Со вакви настани студентите имаат можност да се вклучат и да размислуваат на темите опфатени со енергетската ефикасност и одржливиот развој,се подигнува нивната свест за актуелните проблеми во овие области и придонесува кон изнаоѓање нови решенија. На самата конференција, покрај тоа што студентите ќе ги презентираат своите трудови, присутни ќе бидат и претставници од компании, како и професори кои ќе одржат пленарни предавања. Секако организирањето на една ваква конференција не е едноставно и не би било возможно без поддршката од Факултетот за електротехника и информациски технологии, како и компаниите кои застанаа зад конференцијата. Традиционално примарната цел на конференцијата останува иста: да биде мост кој ги поврзува студентите со компаниите и професорите, експерти во оваа област“, вели Андреј Станковски, еден од организаторите на Конференцијата.

7.JPG

Во рамките на конференцијата беа презентирани 27 стручни студентски трудови, а учествуваа повеќе од 50 учесници од Македонија и странство. Оваа година трудовите на конференцијата беа поделени во 7 научни области и тоа: Обновливи извори на енергија; Енергетски ефикасни уреди, мерења и дијагностика; Паметни мрежи и системи за автоматизација на објекти; Електрични возила и енергетски ефикасен транспорт; Енергетска ефиканост во градежништво и архитектура; Управување на одржливи системи и потрошувачка на електрична енергија; и Нови и применети технологии и материјали; со кои беше опфатен широк опсег на теми поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој. Покрај студентите на додипломски и постдипломски студии од ФЕИТ и останатите технички факултети, со свои пленарни предавања на конференцијата учествуваа претставници од академската средина и од компаниите. На тридневната конференција беа дискутирани различни прашања, идеи и решенија поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој, а учесниците имаа можност да ги прошират своите знаења и да остварат бројни контакти за понатамошна соработка.

9.JPG

И оваа година, студентската конференција „Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој“ имаше бројни подржувачи меѓу кои: ЕВН Македонија, Комора на овластени инженери и архитекти на Република Македонија, Мако Сигре, IEEE, КМГ ЕОЛ Квазар и други.

13.JPG

ГАЛЕРИЈА