Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости На ФЕИТ промовиран првиот електричен картинг Феитмобил

На ФЕИТ промовиран првиот електричен картинг Феитмобил

Електричниот картинг е проект чија реализација ја започна тимот ЕЛ_КА во октомври 2015 година. Целта на проектот е изработка на електричен картинг кој ќе биде погонуван од електричен мотор напојуван од акумулаторски батерии.

Проектот е планирано да се реализира во неколку фази во времетраење од 3 години. Во првата фаза беше планирано да се завршат активностите поврзани со конструктивниот изглед на картингот, неговото механичко и електрично поврзување и на крај задвижување. Со гордост можеме да кажеме дека оваа фаза успешно е завршена за што сме сведоци денес.

Накратко како постепено се одвиваа работите во оваа фаза од проектот.

  • Најнапред беше набавена половна шасија од стандарден картинг со бензински мотор.
  • Потоа беше неопходно истата да се адаптира и модификува за потребите на електричниот картинг, односно да се подобри цврстината и носивоста како и да се додадат лежишта за батериите, моторот и преобразувачот.
  • Паралелно со ова одеа пресметките и анализите кои се однесуваа на изборот на типот  на мотор и соодветен енергетски преобразувач и нивната моќност за претпоставена маса и брзина на движење на картингот, како и капацитетот на батериите.
  • Во меѓувреме беше набавен моторот, енергетскиот преобразувач и останатата опрема за регулација на еднонасочниот мотор, кои се дел од опремата на расходуван електричен вилушкар. Исто така беа набавени и нови тубуларни акумулаторски батерии.
  • Потоа следеше поставување и интеграција на сите елементи и нивно поврзување. Во оваа фаза исто така беа изработени и соодветни куќишта за енергетскиот преборазувач и акумулаторските батерии, заради целосна заштита на опремата и возачот.
  • На крајот следеше најинтересниот дел, а тоа е тестирањето на електричниот картинг и финалните подесувања.


Понатаму се планира модернизирање од аспект на режимите на сопирање со можност за повраток на енергијата и полнење на батериите, промена на насоката на движење и слично. Исто така, предвидено е во иднина да се вклучат студенти и професори од другите насоки на Факултетот, со цел да се усоврши целиот систем со примена на разни видови на сетила и друга опрема од информациско-телекомуникациски технологии.

Феитмобилот е финансиски поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, како и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дополнителна поддршка дадоа неколку македонски компании, меѓу кои фабриката за акумулатори и батерии „Таб Мак“, фабриката за поправка и монтажа на хидраулични системи „Агроопрема“, потоа „Каргомакс“, „Атлантик група“, „Деко“, „Лоноски 3Д дизајн“,„Интебако“, „Супер микс“ и други.

Тимот кој учествуваше во реализацијата на првата фаза од проектот го сочинуваат студентите:  Александара Аризанковска, Амир Беадини, Петранка Бончева, Бодан Велковски, Ристо Ефремов, Јанѓеловска Елизабета, Стефан Лутовски, Александар Милевски, Ивана Мирчевска, Бобан Момчиловски, Никола Нацевски Тамара Панова, Дејан Пејовски, Филип Симјаноски и Иван Спасески. Студентите кои учествуваа во реалзиацијата на проектот во оваа фаза се од студиската програма ЕАОИЕ - Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија.

Реализацијата на проектот е под раководство и менторство на проф. д-р Гога Цветковски и проф. д-р Снежана Чундева. Останати членови на тимот кои се вклучени во реализацијата на проектот се: доц. д-р Михаил Дигаловски, доц. д-р Горан Стојановски, доц. д-р Живко Коколански, асистент м-р Благоја Марковски, асистент д-р Валентин Раковиќ, м-р Љупчо Карајановски и м-р Марио Макрадули.

Електричниот картинг ги има следниве карактеристики:

  • Димензии: 200×128×55 cm
  • Маса: ≈ 300 kg
  • Максимална брзина: ≈ 30 km/h
  • Автономија на движење: ≈ 30 min
  • Тип на мотор: еднонасочен (DC) мотор
    • Номинална моќност: 2,5 kW
    • Номинален напон: 24 V
  • Батерии: TAB Motion Tubular
    • Напон на една батерија: 12 V
    • Капацитет на една батерија: 55 Ah (C5)
    • Број на батерии: 4
    • Вкупен капацитет 220 Ah (C5)
  • Енергетски преобразувач:
    Еднонасочен (DC-DC) преобразувач (чопер)
    • Номинален напон: 24 V.

„Навистина сме горди на тимот студенти кои успеаја за неполни десет месеци да го креираат ова картинг возило. Овие 15 студенти од студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, секојдневно, работеа на неговата реализација, под менторство на професорот д-р Гога Цветковски и професорката д-р Снежана Чундева, како и други професори од ФЕИТ. Целта на проектот е да се изработи електричен картинг кој ќе биде погонуван од електричен мотор напојуван од акумулаторски батерии. Ние како факултет секогаш сме подготвени, на секој можен начин, да ги поддржиме студентските иницијативи и да дадеме придонес во развојот на технологијата во Македонија“, рече професорката д-р Христина Спасевска, продекан за настава на ФЕИТ.