Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Уште една успешно организирана летна школа при Институтот за електроника: „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи 2016“ (27 јуни - 1 јули)

Уште една успешно организирана летна школа при Институтот за електроника: „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи 2016“ (27 јуни - 1 јули)

image001.jpg

И шестата летна школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“ претставуваше одлично инвестирано време во учење, експериментирање, натпреварување и дружење. Тоа имаа можност да го откријат педесет и четирите пријавени кандидати кои одлучија да ја посетуваат школата веднаш по завршената испитна сесија! Мнозинството посетители беа од Факултетот за електротехника и информациски технологии од скоро сите студиски програми, но имаше заинтересирани и од други факултети и универзитети од Скопје, како и шестмина идни студенти од средните училишта.

Школата беше реализирана благодарение на несебично залагање на студентите од модулот КХИЕ – Велимир Аврамовски и Бојан Максимовиќ, членовите на DIPTEAM - Sandro Braun (гостин од Karlsruhe Institute of Technology) и Бојан Матовски, како и младиот соработник при Институтот за електроника, Никола Јовановски. За успешноста на школата придонесоа предавачите од Институтот за електроника, предавачите од другите институти  при ФЕИТ (КТИ, ТКИИ, ЕМЕМ), како и гостите од Машинскиот Факултет и ФИНКИ.

Школата традиционално ја поддржува компанијата СЕАВУС-Скопје, а оваа година ни се придружи и компанијата Логинг електроникс со спонзорство на микрокомпјутерите Raspberry Pi 3.

Темата на овогодишната школа беше „Интернет на нешта  - IoT“. Според вообичениот распоред, од понеделник до четврток, во претпладневните часови течеа предава­њата, а во попладневните часови практичната работа. Практичната работа беше организирана во две нивоа: основно и напредно, а поради големиот интерес за основното ниво, беа формирани две групи. Послед­ниот ден од школата, петок, беше наменет за презентирање на сработеното преку натпреварување.

„Моделот на возило“ повторно беше предмет на интерес за едната од основните групи, но овој пат управу­ван со помош на Android-апликација преку Интернет-конекција со Arduino-WiFi. Екипите требаше да напишат програма што ќе го паркира возилото најбрзо и најпрецизно со помош на ултразвучен сензор по што и ќе ја испрати својата позиција кон соодветен сервер. Во другата основна група екипите имаа задача да ја измерат плоштината на една „соба“ со помош на ултразвучен сензор и Arduino, а потоа преку WiFi конекција да го испратат резултатот кон својот сервер.

Напредната група се запозна со некои основни техники од проблематиката на видео автентикација.  Секоја екипа работеше со видео-сензор (камера) поврзан преку локален hotspot на Raspberry Pi 3 компјутер. Системот требаше да запомни одреден облик по големина и боја и потоа да го препознае меѓу множество слични облици, при што во одредени случаи требаше да посочи колкаво е отстапувањето од запомнетиот облик. Студентите научија да програмираат во Python и да користат библиотеки за дигитално процесирање на слики.

На натпреварите во петокот најголемиот дел од екипите постигнаа одлични резултати. Резултатите на кандидатите за првите три места во сите три групи се разликуваа мошне малку и само мали финеси во мерењата и пресметките ги определија победниците. Сите добија дипломи, а екипите за првите места добија и награди: во првата група од компанијата Сеавус, во втората група од Логинг електроникс, а во третата група од Институтот за електроника.

Впечатоците на студентите се извонредно позитивни и покрај големиот напор што им го наметнаа задачите (практично 24/4 од понеделник до четврток). Тие се мошне задоволни од помошта и вниманието што им го посветија инструкторите, како и од вредните информации презентирани во предавањата. Она што дополнително им го направи напорот вреден да се истрае беше дружењето и учењето низ забава.

Во прилог се неколку фотографии што ќе ни останат во драго сеќавање.

Срдечни поздрави од Летната школа ВМС2016.

06.07.2016, Ј.Ќосев