Microsoft академија и центар за тестирање

Објавено: јули 11, 2019

Почнувајќи од март 2019. година, ФЕИТ е дел од Microsoft Imagine Academy програмата и претставува авторизиран Certiport испитен центар за Microsoft сертификација. Преку овие програми, наставно – научниот кадар и студентите на ФЕИТ имаат бесплатен пристап до значајни и висококвалитетни ресурси од областа на современите Microsoft технологии и пошироко. Имено, академијата нуди широк спектар на насоки за дополнителна едукација и специјализација на кадарот и студентите на ФЕИТ. Почнувајќи од специјализација во основните алатки за продуктивност, академијата овозможува и доедукација во областите на компјутерските науки и инженерство, вклучувајќи програмирање во модерни развојни околини, обработка, анализа и складирање на податоци во современи бази на податоци. Дополнително, во портфолиото на академијата се понудени и можности за специјализација во ИТ инфраструктура, и тоа, во областите на современите оперативни системи, комуникациски мрежи, безбедност, платформи во облак и сл..  Академијата, исто така, им помага на кандидатите да се подготват и да полагаат за сертификати во испитниот центар на Microsoft при ФЕИТ. Microsoft сертификатите се меѓународно и широко препознаени и значително ќе ја подобрат биографијата на студентите и кадарот на ФЕИТ, како и можностите за понатамошна професионална надградба и остварување.