Во рамките на своите активности за подигнување на капацитетите и зајакнување на партнерската мрежа, ИНОФЕИТ Дигитален иновациски хаб (ДИХ) потпиша договор за соработка со ИТС Софтвер Центар ДООЕЛ Скопје (локална подружница на Искрател Словенија која од неодамна е во сопственост на групацијата S&T од Австрија). Договорот отвора можност за користење на middleware платформата на Искрател за прибирање и соодветно складирање на податоци од различни вмрежени сензори (концепт на Internet-of-Things – IoT). Досегашното работно портфолио на ИНОФЕИТ опфаќа поголем број на проектирани и прототипизирани IoT-решенија кои се лабораториски и комерцијално валидирани (https://inno.feit.ukim.edu.mk/projects/). Со влегувањето во домен на ДИХ и соработката со еден од лидерите на светскиот ИКТ-пазар се овозможува значително подигнување на капацитетот за соработка и стимулација на иновативноста во целокупниот иновациски екосистем.
ИНОФЕИТ ДИХ е замислен како one-stop shop за заинтересирани страни преку обезбедување пристап до техничка експертиза и можност за експериментирање. Соработката со Искрател овозможува „тестирање пред инвестирање“ користејќи модерни дигитални технологии за сите партнери од мрежата на ИНОФЕИТ ДИХ. На тој начин се намалуваат трошоците за креирање нов производ и се забрзува процесот на комерцијализација на иновација.
Подигнувањето на капацитетот на ИНОФЕИТ како ДИХ е поддржано од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) на С. Македонија. Соработката со Искрател претставува градење на нов комуникациски мост во насока на истражување и иновации со цел воспоставување на првата оперативна IoT платформа/лабораторија во С. Македонија, достапна за сите заинтересирани, за експериментирање и валидација на концепти и развој на апликации за поддршка на дигиталната трансформација.
ИНОФЕИТ е Центар за трансфер на технологии и иновации на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и е првиот и единствен целосно оперативен ДИХ во С. Македонија. ДИХ-овите се клучни во новата рамковна програма на ЕК (Horizon Europe), 2021- 2027, во која стојат на располагање 9.2 милијарди евра. Иднината на европското истражување лежи во соработката со стопанството, а ДИХ-овите се замислени како клучни играчи во тој домен.
ИТС Софтвер Центар ДООЕЛ Скопје е дел од групацијата на Искрател Словенија, што од 01.07.2020 година стана член на групацијата S&T АГ Австрија. Главната мисија на ИТС Софтвер Центар е креирање на архитектура, дизајн, развој, интеграција и валидација на софтверски компоненти, апликации и решенија кои се користат во портфолиото на производи и решенија на Искрател во две клучни области денес: телекомуникации и IoT.