Со развивање бизнис модели од студентските трудови се заврши шестата студентска конференција за енергетска ефикасност и оддржлив развој – СКЕЕОР 2018. Во рамки на последниот ден, 10 студентски трудови беа дел од организираниот хакатон. Учесниците имаа можност неколку часа да работат на развивање на бизнис идеи од своите трудови преку соработка со ментори. По завршувањето на работните групи, студентите ги презентираа своите веќе подготвени бизнис идеи пред менторите, реномирани професори и влијателни личности од бизнис секторот. Секоја идеа беше поставена на дискусија на слушателите преку што на студентите им се овозможи да добијат конструктивни критики и пофалби за сработеното и да ги прошират и насочат своите размислувања кон остварување на успешни бизниси во иднина. Самиот хакатон го отвори Дијана Десподов, извршен директор на Американската комора во Македонија.
Во рамки на четвртиот, последен ден од СКЕЕОР 2018, присутните го проследија и пленарното предавање на г-дин Јаир Енгел, директор на Кајама центарот за одржлив дизајн во Израел, на кое ги презентираше концептите на циркуларната економија.
Во текот на успешно одржаните денови од СКЕЕОР 2018 студентите имаа прилика да ги презентираат своите научни трудови и да разменат и стекнат многу нови знаења преку комуникацијата и дискусиите со професорите и претставници од компаниите. Беа дискутирани важни прашања од областа на енергетската ефикасност и оддржливиот развој и беа споделени многу концепти и идеи како да се придонесе кон решавање на овие сериозни проблеми со кои се соочува денешното општество. Студентите имаа можност да слушнат многу квалитетни пленарни предавања на актуелните теми оддржани од страна на наши реномирани професори и претставници од компании, како и од проф. д-р. Абрахам Крибус од Универзитетот во Тел Авив, Израел на чие предавање присуствуваше и израелскиот амбасадор во Македонија.
Оваа година конференцијата доби огромна поддршка од Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, Скопје, како и од голем број успешни компании и здруженија меѓу кои МЕПСО, ЕЛЕМ, AmCHAM Macedonia, Mako Cigre, Leks Electric, Макпетрол, Комора на овластени архитекти и инженери, ПакоМак, Feroinvest, Sixt, EVN, Цементарница Усје, Arcelor Mittal, the Luxury Skopje Apartments, Delfino, Vitalia, Жито Лукс.
Организаторите на СКЕЕОР 2018 се задоволни од конференцијата и се надеваат дека учесниците по завршувањето на конференцијата ќе се стекнат со многу повеќе информации и знаења поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој, како и со многу нови искуства и убави сеќавања.