Во периодот од 3 до 7 јули 2023 година на Универзитетот „Аристотел“ во Солун се одржа Летната школа „Space Technology 4All“ во рамките на меѓународен Еразмус проект „SpaceEdu“. На летната школа учествуваа тимови од предавачи и студенти од меѓународните партнери на овој проект: Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Универзитетот во Неапол „Федерико II“, Националниот истражувачки институт за земјоделство, храна и животна средина на Франција (INRAE) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Главен истражувач на проектот од страна на ФЕИТ/УКИМ е проф. Зоран Хаџи-Велков.
Тимот на ФЕИТ/УКИМ на летната школа го претставуваа проф. Зоран Хаџи-Велков (предавач), проф. Валенин Раковиќ (предавач), асис. Марија Попоска (локален координатор), и студенти од ФЕИТ: Емилија Чона, Сандра Павлеска, Матеа Маринова, Анастасија Стафановска, Магдалена Георгиева, Наташа Богоевска, Давид Атанасовски, Ана Софроноевска и Симона Николовска.
На летната школа свои предавања одржаа дваесетина професори и предавачи за различни аспекти на вселенските технологии и истражувања на вселената, како што се: телекомуникации во вселената, производство на храна во вселената, влијание на вселената врз човечкото здравје, и правни аспекти на освојување на вселената. Проф. Зоран Хаџи-Велков и проф. Валентин Раковиќ одржаа предавања „Вовед во сателитски и длабоко вселенски комуникации“ и „Основи на орбитална механика“.
Студентите учествуваа и на работилница со наслов „Колонизација на месечината“. Тие беа групирани во неколку мешовити групи од различни партнерски институции и спроведоа самостојни истражувања на седум важни теми поврзани со колонизација на месечината: „Energy in Space“, „Moon to Earth Communications“, „Moon to Moon Communications“, „Space Farming“, „Space Health“ и „Space Human Settlements“. Студентите од ФЕИТ најмногу се истакнаа со својата работа и го претставија факултетот и универзитетот во најдобро светло. Презентацијата на тема „Телекомуникации на месечината“ може да се преземе од следниот линк (https://www.slideshare.net/ZoranHadziVelkov1/mooncommunicationspresentationpdf ).
Учесниците на летната школа исто така имаа можност да ги посетат и лабораториите кои се занимаваат со вселенски технологии на Универзитетот „Аристотел“.