Факултетот за електротехника и информациски технологии потпиша Меморандум за соработка со компанијата „Авеста батери и енерџи инженеринг“, дел од белгиската компанија ABEE, која гради напредна фабрика за производство на електрични батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево. Оваа фабрика ќе биде прва од ваков вид во регионот и ќе се фокусира на развој и производство на системи за батериски менаџмент и енергетска електроника, со цел да се овозможи поголема енергетска ефикасност и иновативни решенија за автомобилската индустрија.
Соработката помеѓу ФЕИТ и ABEE опфаќа повеќе аспекти, вклучувајќи: заедничка работа на развојно-истражувачки проекти кои ќе придонесат кон научниот и технолошкиот напредок; изработка на магистерски и докторски трудови кои се во корелација со индустриските потреби; учество во апликативни проекти за практично решавање на технички проблеми; консултативни активности кои обезбедуваат експертска поддршка; и континуирано образование и обука на инженерско-техничкиот кадар за унапредување на нивните професионални вештини.
Дополнително, соработката вклучува организирање семинари и работилници за размена на знаење, материјална и стручно-професионална поддршка, стипендирање на талентирани студенти од ФЕИТ, обезбедување на можности за студентска пракса и директно вклучување на студентите во реални индустриски проекти. Оваа иницијатива претставува значителен чекор кон унапредување на образованието, научно-истражувачката дејност и технолошкиот развој на Република Северна Македонија.