Факултетот за електротехника и информациски технологии организираше пригоден настан за одбележување на 50-тина години од дипломирањето на инженерите по електротехника во 1973 и 1974 година. Оваа убава традиција беше започната во 2019 година по повод тогашниот 60-годишен јубилеј на ФЕИТ. Годинава, златна диплома им беше доделена на четириесетина инженери кои имаа прилика да се потсетат на своите студентски денови, да раскажат настани од нивното студентско искуство и да споделат совети за помладите колеги.
Златните дипломци на ФЕИТ докажано се носители на иновации, креатори на решенија и визионери кои ја воделе нашата заедница напред. Биле заслужни за планирањето и развојот на критичната електроенергетска инфраструктура на Македонија, развојот на националната телекомуникациска инфраструктура, како и развој на системски решенија за одржување и подобрување на индустриските процеси. Нивната професионална посветеност и знаење оставиле траен белег и на младите генерации инженери, кои денес продолжуваат да чекорат по патот кој тие го трасираа.
„Можеби времето го променило светот околу нас, но вашите достигнувања остануваат вечни. Оваа златна диплома што ви ја доделуваме денес е симбол на вашата посветеност, истрајност и успех. Таа е знак на благодарност од вашата alma mater за сите ваши напори, и за сите предизвици со кои се соочивте и ги надминавте. Со оваа златна диплома го славиме не само вашиот минат труд, туку и вашиот континуиран придонес кон општеството и индустријата. Вие сте инспирација за нас сите, и пример за тоа како професионализмот, знаењето и трудот можат да создадат светла иднина за сите нас. Ви честитам на вашето достигнување и ви посакувам многу здравје, среќа и успех и во иднина. Нека вашата страст кон инженерството продолжи да ја инспирира и да ја води иднината на нашата професија.“ – изјави проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ, на доделувањето на златните дипломи.