Од 21 до 23 Септември 2024 во Струга, продолжувајќи ја традицијата во 43-тата година од постењето на Здружението, беше организирана 16-тата по ред меѓународна конференција ЕТАИ 2024 во ко-организација на Здружението за ЕТАИ на Македонија и Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Оваа конференција е редовен настан кој го слави напредокот и иновациите во областите кои ги покрива Здружението и нуди уникатна можност за размена на идеи, предлози и истражувања кои можат да направат значајни промени во светот околу нас. Исто така, конференцијата ЕТАИ 2024 се одржува во време кога технологијата и иновациите напредуваат со забрзано темпо. Светот се менува, а нашата способност да го разбереме и искористиме напредокот во електрониката, телекомуникациите, информатиката и автоматиката игра клучна улога во овие промени. Сведоци сме на епохални промени во нашето опкружување – од вештачката интелигенција и машинското учење до напредните комуникациски мрежи и автоматизацијата на процесите. Овие иновации не само што ја трансформираат нашата секојдневна работа и живот, туку носат и нови можности и предизвици кои треба да ги разбереме и адресираме.
Покрај техничките сесии со новини од истражувањата, беа одржани и четири особено интересни пленарни предавања од нашите гости: еминентниот проф. д-р Маркос Папагеоргиу, од Техничкиот универзитет од Крит, Грција, проф. д-р Оскар Мајора од Институтот FBK од Италија, проф. Фисник Далипи од Линаеус универзитетот во Шведска, како и професорот Томислав Станковски од Медицинскиот факултет при УКИМ од Скопје. Сите тие значајно нè приближија до светските трендови во истражувањата.
Во работниот дел на конференцијата, беше одржана и многу интересна панел дискусија на тема “Emerging Trends and Challenges in Cyber Security” на која панелисти беа искусните професионалци: проф. Митко Богданоски, Воена академија Генерал Михаило Апостолски – Скопје, Универзитет Гоце Делчев – Штип: Горан Митрески, Кабтел, Скопје; Кирил Бухов, Халк Банка, Скопје; Мане Пиперевски, Пиперевски и партнери, Скопје; Александар Ацев, консултант за сајбер безбедност; Симон Бојаџиевски, А1 Македонија, Скопје. Дискусијата предизвика особена љубопитност кај учесниците и публиката, при што се отвори широка палета на прашања кои во иднина секако ќе бидат поставени и пред научната, но и стручната заедница.
Сите активности придонесоа за особено интересна и успешна конференција која после повеќе години се одржа во традиционалниот амбиент на Охридското Езеро.