На 25. октомври, во Public Room, беше организиран мултимедијалниот настан за уметност, наука и технологија – СинтеЕЗa. Целта на овој иновативен, мултимедијален настан беше младите од неколку факултети, преку уметност, технологија и наука, да ги претстават визиите за слободата и за нивната улога во современото општество.
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и ФЕИТ ФабЛаб учествуваа со неколку студентски проекти, со кои на посетителите им ги доближивме идеите и остварувањата на нашите студенти. На настанот учествуваа Јована Михајловска со системот за комуникација човек-робот Итар ПеIO, Илија Мижимакоски, Магдалена Мандалова и Ангела Секуловска со автоматската контрола на инверзно нишало, Ана Софрониевска и Даниела Стојческа со очилата за детекција на препреки за слепи и слабовидни, а како специјален гостин им се придружи Дејан Пејчиноски со електронскиот шах.
Всушност, овој настан покажа дека интеграцијата на уметноста, технологијата и науката отвора нови можности за изразување на креативната сила на новите генерации. Покрај тоа, овој настан овозможи да се поттикне соработката меѓу младите автори, инженери и научници, при тоа надминувајќи ги границите на различните дисциплини.
Беше задоволство да се сподели убава енергија, да се учествува, но и да се проследат активностите на сите останати учесници.