Горди сме што нашите студенти имаа можност да учествуваат со своите иновативни проекти на Саемот за креативни индустрии, кој се одржа на 25-26 ноември, во едукативниот културен центар „Лабораториум“. Настанот, организиран со поддршка од Министерството за култура, претставува платформа за презентирање на иновации, креативни решенија и технологии кои придонесуваат за развојот на креативните индустрии во нашата земја.
Нашите студенти ја демонстрираа својата креативност и технолошка експертиза преку проекти кои ги комбинираат инженерството, уметноста и одржливоста:
1. Инвертирано нишало – презентирано од студентите Илија Мижимакоски, Магдалена Мандалова и Ангела Секуловска
Проектот претставува реален модел на инвертирано нишало како test bench за имплементација и тестирање на различни алгоритми за управување и стабилизација на нелинеарен систем. Како такво претставува еден од најзначајните и најфасцинантни примери на систем на автоматско управување, кој во случајов е управуван со ПИД алгоритам.
2. Роби – систем за интеракција човек-робот – дипломски труд на нашата колешка Јована Михајлоска
Системот за вокална интеракција човек-робот – Роби е дизајниран за интеракција со деца со раскажување на приказни и поставување на прашања, притоа одговорите на децата влијаат на текот на приказната.
3. Очила за детекција на препреки – презентирано од студентките Ана Софрониевска и Даниела Стојческа
Очилата за избегнување на препреки овозможуваат на слепите и слабовиди лица непречено да се движат во градската средина елиминирајќи ја опасноста од доаѓање до удар со препреки во правецот на движење.
4. Електронски шах – изработен за потребите на дипломски труд од нашиот колега Дејан Пејчиноски.
Електронската шаховска табла интегрира напредни сензори и алгоритми за да се осигура прецизно снимање на секој потег, обезбедувајќи инстант информации на компјутерскиот систем за следење на играта.
Овие проекти се само дел од потенцијалот што младите инженери на ФЕИТ го носат во полето на технолошкиот развој и иновациите.
Честитки до сите учесници за успешното претставување и благодарност до организаторите за можноста да бидеме дел од овој инспиративен настан.
Во прилог се и неколку фотографии од нашиот штанд на настанот.