На 24ти декември 2024 година се одржа состанок за информирање на кадарот на ФЕИТ за формирањето на Истражувачката група за паметни енергетски системи (ИГПЕС), во рамки на проектот INITIATE. На состанокот беа презентирани активностите во проектот INITIATE и концептот на ИГПЕС, а беа дискутирани следните чекори на делување, меѓу коишто е и воспоставување на жива лабораторија за паметни енергетски системи (Smart Energy System Living lab) во ИНОФЕИТ. Во фокусот на настанот беше дефинирањето на клучните области за работа на ИГПЕС, кои ќе бидат структурирани околу четири главни столба: дистрибуирани енергетски системи, интегрирано планирање и оптимизација, напредна податочна анализа и управување, како и складирање енергија и е-мобилност. Оваа рамка треба да обезбеди усогласување со актуелните и идните барања на енергетскиот сектор, овозможувајќи поквалитетно истражување, подобрена соработка со индустријата и примена на напредни технологии и концепти како IoT, дигитален близнак и машинско учење. На состанокот се истакна можноста и потребата од вклучување на кадарот на ФЕИТ во групата и консолидација на неговите интелектуалните ресурси, вклучувајќи научни трудови, софтвер и материјали, со цел зајакнување на основата на ИГПЕС и поддршка на неговите активности.