Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии кои го слушаат предметот Електроакустика имаа можност да ги посетат просториите на Македонското радио, каде беа срдечно пречекани од тимот задолжен за техниката: Љупчо Дебарлиев, Живко Маневски и раководителот Добри Крстески. За време на посетата, која се одржа во петок 20. 12. 2024, тие можеа од прва рака да се запознаат со различните студија кои го сочинуваат радиото, вклучувајќи три музички студија, две драмски студија и глувата соба која се користи за акустички тестирања, калибрирање на аудиотехниката и снимање звук без одек (реверберација). На студентите исто така им беше направен преглед на опремата која се користи во процесот на снимање и продукција на звук. Тие ги посетија и програмските студија на радиото од каде се врши преносот на програмата. На крајот, студентите се запознаа со можностите кои ги нуди радиото за остварување на студентска пракса. Преку посетата, студентите се стекнаа со увид во работата на најголемата македонска радио станица која игра долгогодишна клучна улога во ширењето на македонската музика, вести и културни содржини во јавноста.