
Нашиот колега, проф. д-р Мирко Тодоровски е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите на Изборното собрание на МАНУ, одржано на 7 ноември 2025 година.
Проф. д-р Мирко Тодоровски, постигнал извонредни резултати во областа на електроенергетските мрежи, со посебен акцент на нивното моделирање и развој на соодветни методи за решавање на широк спектар на режими на работа на мрежите. Неговата научна и стручна работа е потврдена преку публикации во реномирани меѓународни списанија, активна соработка со соодветни електроенергетски компании и институции, како и преку раководење на бројни истражувачки и апликативни проекти.
Објавил 31 труд во најпрестижните научни списанија од областа на електроенергетиката со висок фактор на влијание, при што 16 се во списанија на IEEE. За објавените трудови добитник е на наградата за најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Раководел или учествувал во 15 научноистражувачки проекти финансирани од странски фондови и во 13 студии чии резултати имаат директна примена во компаниите од областа на електроенергетиката што е значителен придонес во јакнењето на интердисциплинарната соработка меѓу науката и индустријата.
Три негови докторанди се веќе афирмирани истражувачи и професори на домашни универзитети.
Неговите научните резултати и активности придонесуваат за меѓународна афирмација на македонската наука и на државата во целина.
Професионалната кариера на колегата Тодоровски во последните 20 години се одвива на ФЕИТ, така што неговиот избор за дописен член на МАНУ претставува признание и за ФЕИТ како водечка високообразовна и научна институција во државата.

