Меморандум за соработка меѓу ФЕИТ и ИУЖА

Објавено: декември 9, 2025

ФЕИТ потпиша Меморандум за соработка со Институтот за унапредување на животните активности „ИУЖА“ – Белград, Србија со кој се утврдува рамката во која се реализира соработката помеѓу двете институции за спроведување истражувачки, образовни и апликативни активности и проекти од заеднички интерес, заснована врз искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и на просторните капацитети на потписниците. Меморандумот го потпишаа др сц. Мишко Суботиќ, Директор на Институтот, и проф. д-р Владимир Атанасовски, Декан на ФЕИТ. Предмет на соработката е развојот на современи технологии за анализа и процесирање на говорните и биомедицинските сигнали вклучувајќи Електроенцефалограми со цел дијагноза и терапија на говорни нарушувања преку примена на електротехниката и на информациските технологии.
Во продолжение на церемонијата беа организирани низа предавања во кои претставниците на Институтот зборуваа за нивните истражувачки и апликативни активности во полето на говорните нарушувања. Најпрвин, др сц. Мишко Суботиќ го претстави Институтот вклучувајќи го неговиот историски развој, а фокусирајќи се на развиените хардверски и софтверски системи и методологии. Потоа, д-р Лилјана Јеличиќ ја претстави работата на употребата на мозочните бранови добиени со ЕЕГ за дијагноза на деца со невроразвојни нарушувања.
Од македонска страна, збор земаа проф. д-р Силвана Марковска-Симоска од BrainARC Скопје, која зборуваше за работата на нивната ординација за дијагноза и третман на АДХД кај деца со помош на ЕЕГ и неурофидбек. Маргарита Гулевска од Здружението за асистивни технологии „Отворете ги прозорците“ која зборуваше за примената на асистивните технологии во Македонија за зголемување на дигиталната инклузија. На крајот, проф. д-р Бранислав Геразов зборуваше за резултатите постигнати во рамки на магистерската работа на м-р Данче Папучиева на ФЕИТ во идентификација на можни биомаркери за дијагностицирање на АДХД и Аутизам врз база на ЕЕГ сигнали.