На 25 декември 2025 година во просториите на ФЕИТ ФабЛаб се одржа уште една инспиративна и едукативна работилница под наслов „Сонцето во џеб: Паметна енергија за паметни уреди“. Работилницата беше организирана од Лабораторијата за физика при Институтот за математика и физика пру ФЕИТ, а учесници беа ученици од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје, кои со голем интерес и ангажман учествуваа во сите активности.
Пред учесниците на работилницата со кратко обраќање добредојде им посака Раководителот на ФЕИТ ФабЛаб проф. д-р Живко Коколански, продекан за финансии на ФЕИТ, пренесувајќи ја мисијата на лабораторијата создадена да биде тука за сите млади ентузијасти, но и за бизнис секторот, како поддршка во реализирање на иновативни идеи.
ФЕИТ ФабЛаб е иновациско-образовен простор за практично учење, креативност и иновации, каде што студентите, средношколците, хобистите и сите заинтересирани можат да ги развиваат своите идеи користејќи современи хардверски и софтверски алатки. Целта на ФабЛаб е да го поттикне премостувањето на јазот помеѓу академијата и индустријата и да обезбеди пристап до опрема и знаење што овозможуваат трансформација на концепти во реални решенија. fablab.feit.ukim.edu.mk+1
Акцентот на работилницата беше ставен на практична употреба на обновливите извори на енергија и инженерски пристап во изработка на функционален производ – соларно напојуван полнач со држач за мобилен телефон. Учениците имаа можност да учат преку интерактивни презентации, демонстрации и практична работа со CNC технологии и други инструменти. Технологиите со свои интуитивни предавања ги пренесоа проф. д-р Маргарита Гиновска зборувајќи на тема Сончево зрачење и проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, пренесувајќи ги физичките основи на функционирање на различните фотоволтаични технологии. Во практичниот дел од работилницата учесниците имаа можност да научат за принципите на работа на CNC уредите за прецизно обработување на материјали од Марко Доневски и Лука Дамјанов, со кои заедно го изработија држачот за мобилни телефони, кој потоа беше приклучен на напојување од фотоволтаичен панел.









