
На 11 февруари 2026 година, Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ, како координатор на Европскиот дигитален иновациски хаб ИНОФЕИТ ЕДИХ, и Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, потпишаа Меморандум за соработка насочен кон поддршка на дигиталната трансформација на микро, малите и средни претпријатија во земјата.
Со Меморандумот се воспоставува рамка за заеднички активности што ќе им овозможат на компаниите да ја зголемат својата конкурентност, иновативност и ефикасност преку тестирање на нови решенија пред инвестирање, обуки и развој на дигитални вештини, пристап до финансии и поврзување со иновацискиот екосистем.
Директорот на ИНОФЕИТ ЕДИХ, проф. д-р Димитар Ташковски, истакна дека соработката има за цел создавање услови во кои компаниите ќе можат активно да експериментираат, да учат и да растат преку дигитализација и иновации, при што се отвораат нови можности за развој на решенија што придонесуваат за одржливост и конкурентност.
ИНОФЕИТ ЕДИХ ќе ја предводи имплементацијата на активностите преку организација на настани и работилници за зелена и дигитална трансформација, спроведување обуки и тренинзи за развој на дигитални компетенции, обезбедување услуги, опрема и инфраструктура во рамки на концептот „Test Before Invest“, како и преку поврзување на компаниите со релевантни институции и партнери од академијата и индустријата.
Швајцарската Програма ИМЕ ќе ја надополни соработката преку пренесување на потребите за дигитализација во секторите одржлив агробизнис и одржлив туризам, со посебен фокус на паметно земјоделство, преработка на храна со повисока додадена вредност и развој на современи туристички услуги.
Директорот на Швајцарската Програма ИМЕ, г. Горан Дамовски, нагласи дека агробизнисот и туризмот се меѓу клучните сектори за економски развој и дека партнерството ќе им помогне на компаниите да воведат нови дигитални решенија, да ги унапредат процесите и да создадат дополнителна вредност за своите производи и услуги.
Во рамки на соработката се предвидува и развој на пилот-иницијативи што ја демонстрираат практичната примена на дигиталните технологии. Во секторот одржлив агробизнис ќе се работи на воспоставување систем за контрола и следливост на квалитетот на производството, додека во секторот туризам се планира развој на платформа за лојалност во партнерство со локални институции и приватниот сектор.
Ова партнерство претставува значаен чекор кон зајакнување на иновацискиот екосистем и поддршка на модернизацијата на домашните компании, при што дигиталните технологии се препознаваат како клучен двигател на економски раст, конкурентност и одржлив развој.

