На 14 и 15 мај 2026 година, Логинг Електроникс, во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), ја реализираа седмата по ред работилница „Развојни микропроцесорски системи”. Настанот се одржа во рамки на проектот „Технологија за тебе”, чија основна цел е поттикнување на интересот кај младите за современите технологии преку практична едукација, тимска работа и примена на инженерските знаења во реални услови.
Во работилницата учествуваа ученици од единаесет средни технички училишта од државата, кои имаа можност да ги демонстрираат своите технички способности преку решавање практична задача од областа на развојните микропроцесорски системи.

Натпреварувачкиот дел се реализираше во лабораторијата за производство ФЕИТ-ФАБЛАБ, со поддршка и менторство од кадарот на Институтот за електроника при ФЕИТ. Задачата предвидуваше имплементација на електронско мини пијано, при што системот требаше да овозможи репродукција на повеќе музички ноти преку копчиња,приказ на активната нота на LCD дисплеј, како и емитување звук преку звучник со помош на аудио засилувач.
Преку ваквите активности, Логинг Електроникс и ФЕИТ продолжуваат активно да придонесуваат кон развојот на техничкото образование и унапредувањето на практичните вештини кај младите, создавајќи простор за нивно професионално насочување и понатамошен развој во областа на електрониката и современите инженерски технологии.

Првиот ден во лабораторијата ФЕИТ-ФАБЛАБ беше одржан натпреварот за развојни микропроцесорски системи, на кој се натпреваруваа тимови составени од двајца ученици од секое училиште. Паралелно со натпреварот, професорите присуствуваа на стручно предавање од претставник на компанијата Микроелектроника на тема: „Програмирање вградливи микрокомпјутерски системи со Necto Studio”.

Вториот ден беше посветен на презентациите на училиштата, каде учениците покажаа што изработиле во текот на изминатата година со опремата донирана од Логинг Електроникс. Презентациите уште еднаш ја потврдија креативноста, посветеноста и потенцијалот на младите технички кадри.


