Третиот и финален ден од хакатонот ТелеХак@ФЕИТ 2026 успешно се одржа на 5 мај 2026 година во периодот од 12 до 15 часот, во просториите на Институтот за телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), заокружувајќи го првото издание на единствениот телекомуникацискиот хакатон за средношколци во нашата држава со одлична атмосфера, голема возбуда и силен натпреварувачки дух.
Фокусот на Ден 3 беше ставен на областа сајбер безбедност – една од најактуелните и најважните области во современите телекомуникациски и информациски технологии. Учесниците имаа можност да се соочат со разновидни предизвици поврзани со сајбер безбедност, криптографија, hash функции, QR кодови, лозинки и различни типови на сајбер напади, преку интерактивен тимски квиз и практични задачи.
И на третиот ден учествуваа сите 86 учесници организирани во 22 тимови од 13 средни училишта од повеќе градови во Македонија, под менторство на 14 професори ментори. Во текот на натпреварот, тимовите покажаа исклучителна аналитичност, брзо размислување, тимска координација и голем интерес за областа на сајбер безбедноста.
Најинтересните моменти од Ден 3 на ТелеХак@ФЕИТ 2026 може да ги погледнете во видеото тука:
Хакатонот започна со воведно предавање од проф. Александар Ристески во областа на сајбер безбедност, со осврт на современите сајбер закани и значењето на безбедноста во телекомуникациските и Интернет мрежите. Потоа следуваше натпреварувачкиот дел, каде тимовите решаваа квиз и предизвици со различна тежина, при што се оценуваа точноста, брзината и тимската соработка.
Секој тим беше бодуван за својата успешност од страна на судија од редовите на студентите во 4-та година студии на студиската програма Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ) на ФЕИТ.

По завршувањето на финалниот предизвик и евалуацијата на резултатите, за победник на Ден 3 беше прогласен тимот на СОСУ „Илинден“, кој покажа одлични резултати и најголема успешност во решавањето на предизвикот од областа на сајбер безбедност. На победничкиот тим на Ден 3 од хакатонот му беа врачени награди од Македонски Телеком кој даде поддршка за финалниот ден на ТелеХак@ФЕИТ 2026.

Победници на Ден 3 на ТелеХак@ФЕИТ 2026 – тимот на СОСУ „Илинден“
Со завршувањето на третиот ден беа сумирани и вкупните резултати од сите три натпреварувачки денови на ТелеХак@ФЕИТ 2025/2026.
Првото место во генералниот пласман го освои тимот „ЕДИ“ од ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид. Тимот е составен од учениците Илија Волканоски, Елена Стојоска, Дарио Павлески и Климент Симоноски. под менторство на професорката Елизабета Левеска.
Победничкиот тим на првото издание на хакатонот ТелеХак@ФЕИТ доби плакета од ФЕИТ, како и едногодишна стипендија за сите членови на тимот за студиската програма ТКИИ (Телекомуникации и Информациско Инженерство).

Прво место во генералниот пласман на ТелеХак@ФЕИТ 2026: тимот „ЕДИ“ од ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид
Второто место во генералниот пласман му припадна на тимот „Георги Димитров“ од СУГС „Георги Димитров“ – Скопје. Тимот е составен од учениците Матеј Станчевски, Лука Пјевац, Димитриј Митковски, Јован Максимоски и Давид Василевски под менторство на професор Надица Пиперевска Цветковска.

Второ место во генералниот пласман на ТелеХак@ФЕИТ 2026: тимот „Георги Димитров“ од СУГС „Георги Димитров“ – Скопје
Третото место во генералниот пласман го освои тимот „34КО“ од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово. Тимот е составен од учениците Ева Вељановска, Ѓорѓи Златевски, Давид Јовановски и Јована Спасовска, под менторство на професор Славица Грујоска-Митиќ.

Трето место во генералниот пласман на ТелеХак@ФЕИТ 2026: тимот „34КО“ од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово
Тимовите на првите три места во генералниот пласман на хакатонот добија и награди од ФЕИТ.
Им честитаме на победниците, како и на сите учесници, ментори и професори за покажаната посветеност, креативност, знаење и тимски дух во текот на сите три денови од натпреварот.
Посебна благодарност упатуваме и до компанијата Македонски Телеком за поддршката и спонзорството на финалниот ден на ТелеХак@ФЕИТ 2026.
Со успешната реализација на трите натпреварувачки денови, ТелеХак@ФЕИТ 2025/2026 уште еднаш ја потврди важноста на практичното учење, тимската работа и поттикнувањето на интересот кај младите за телекомуникациите и информациските технологии, вклучувајќи ги Интернет и мрежите (темата на Ден 1 на хакатонот), вештачката интелигенција и веб технологиите (темата на Ден 2 на хакатонот), како и сајбер безбедноста (темата на Ден 3, финалниот ден на хакатонот).
Првото издание на ТелеХак@ФЕИТ во 2025/2026 заврши успешно, а ентузијазмот, новите знаења и инспирацијата што ја создаде продолжуваат понатаму.

