Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е партнер во европскиот проект BUSUnited (BUILD UP Skills United), кој се реализира во рамки на програмата LIFE Clean Energy Transition. Проектот има за цел да придонесе кон јакнење на вештините и компетенциите потребни за енергетска транзиција, енергетска ефикасност и декарбонизација на градежниот сектор во Европа, преку создавање широка европска заедница на практичари, институции и организации. Проектот започна со имплментација од 01.09.2025 година и ќе трае до 31.09.2028 година.
BUSUnited се надоврзува на долгогодишната европска иницијатива BUILD UP Skills, воспоставена во 2011 година од Европската Унија за зајакнување на вештините и квалификациите во секторот на градежништво и обнова на згради. Во таа поширока рамка, ФЕИТ има континуирано учество од 2012 година наваму, што претставува јасен показател за долгорочната институционална посветеност на факултетот во областа на енергетската ефикасност, одржливото градење и развојот на зелени вештини.
Цели на проектот
Главните цели на проектот BUS United се:
- Поддршка на развојот и надградбата на вештините во градежниот сектор за потребите на зелената транзиција.
- Поттикнување на меѓународна соработка и размена на искуства помеѓу национални и европски чинители.
- Зајакнување на капацитетите за спроведување обуки и квалификации релевантни за енергетски ефикасни и одржливи згради.
- Подобрување на координацијата помеѓу образовните институции, индустријата, јавните власти и професионалните организации.
- Поддршка на иновации во пристапите за обука, преквалификација и континуирано професионално усовршување.
- Придонес кон постигнување на европските климатски и енергетски цели преку квалификувана работна сила.
Во рамки на проектот, централна улога имаат Communities of Practice (CoPs), односно тематски заедници на практика, замислени како отворени и динамични простори за соработка меѓу професионалци, обучувачи, јавни институции, компании и секторски организации. Овие заедници се насочени кон размена на искуства, идентификување на заеднички предизвици и ко-креирање решенија во клучните области на развој на вештини за одржливо проектирање, градење, реконструкција и одржување на објекти.

BUSUnited започнува со седум почетни тематски заедници: секторски потреби за вештини, механизми на побарувачка, иновативни методи на настава и обука, признавање и валидирање на вештини, национална имплементација на патоказите за вештини, извори на финансирање и европски синергии. Овој пристап овозможува структурирана соработка на европско ниво и создавање конкретни резултати, како методологии, алатки, препораки, policy brief документи и решенија за поширока примена во секторот.
Улогата на ФЕИТ
Како партнер во проектот, ФЕИТ придонесува преку својата експертиза во домените на енергетика, енергетска ефикасност, одржлив развој, дигитализација и образование. Особено значајно е што ФЕИТ е многу активен во шест Communities of Practice, каде што учествува во тематски дискусии, споделување искуства, идентификација на предизвици и промоција на можни решенија за развој на вештини во градежниот сектор.
Учеството на ФЕИТ во овие тематски заедници е продолжение на долгорочната определба на факултетот за поддршка на националните и европските процеси поврзани со енергетската ефикасност и одржливото градење. Преку BUS United, ФЕИТ дополнително ја зацврстува својата улога како мост помеѓу високото образование, истражувањето, политиките и практичната примена.
Во CoP 1 – Sectoral skills needs, ФЕИТ е раководител и активно придонесува во развој на методи за идентификација и предвидување на новите потреби за вештини, мапирање на вештини и воспоставување заедничка рамка за систематизација на секторските вештини. Во CoP 2 – Demand Side Mechanisms, факултетот го води предизвикот насочен кон активирање на крајните корисници и поттикнување на побарувачката за квалитетни и одржливи решенија за енергетска ефикасност на градбите.
Во CoP 3 – Innovative teaching methods, УКИМ/ФЕИТ има активна улога во евалуација и валидација на иновативни пристапи за обука, како интерактивно е-учење, гемификација и обуки со виртуелен обучувач. Во CoP 4 – Skills recognition, ФЕИТ ги води активностите поврзани со преглед на рамките за признавање и валидирање на вештини и примена на алатки како микро-кредити, дигитални каталози на вештини, дигитален беџ со отворен пристап, алатки за признавање на претходно учење.
Во CoP 5 – National skills roll-out, ФЕИТ е ко-раководител и предводи активности за развој на метод за екстраполација на национални патокази за вештини, која пристап ќе биде пилотиран токму за Северна Македонија. Во CoP 6 – Funding sources, УКИМ/ФЕИТ е ко-раководител и носител на активности за развој на концепт за one-stop-shop модел за пристап до можности за финансирање на обука и дообука.
Со ова учество, ФЕИТ уште еднаш ја потврдува својата стратешка определба за активно вклучување во европските процеси на дигитална трансформација и енергетска транзиција, преку поврзување на високото образование, истражувањето, развојот на човечки капацитети и поддршката на јавните политики. Учеството во BUSUnited претставува значајно продолжение на континуираната работа на ФЕИТ во рамки на BUILD UP Skills од 2012 година до денес.

Преку овој проект, ФЕИТ придонесува кон развој на современи, инклузивни и применливи решенија за јакнење на вештините потребни за зелена и дигитална транзиција, со јасна ориентација кон европските климатски и енергетски цели. BUSUnited воедно претставува дополнителна можност за зајакнување на улогата на ФЕИТ како релевантен академски и истражувачки партнер во меѓународни иницијативи насочени кон одржлив развој и градење на знаење базирано општество.

