Во склоп на активностите на ИНОФЕИТ Европскиот дигитален иновациски хаб (INNOFEIT EDIH), тим на ФЕИТ изработи ВИ-решение за автоматска транскрипција во реално време за Собранието на Република Северна Македонија. Решението беше промовирано на 24. 7. 2026 на средба со претседателот на Сoбранието Африм Гаши. Проектот има за цел модернизација на процесот на изработка на собраниските стенографски белешки преку трансформација на досегашниот рачен процес во скалабилен, инклузивен и систем поддржан со вештачка интелигенција, кој овозможува автоматска транскрипција во реално време.
На промоцијата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши истакна дека ова решение претставува значаен чекор кон дигитализацијата на Собранието и унапредувањето на неговата ефикасност и транспарентност. Тој нагласи дека воспоставената соработка претставува основа за идни заеднички активности насочени кон понатамошна дигитализација на собраниските процеси и воведување современи технолошки решенија во работата на институцијата.
Проф. д-р Димитар Ташковски, координатор на ИНОФЕИТ ЕДИХ, ја истакна улогата на европските дигитални иновациски хабови во забрзувањето на дигиталната трансформација на јавниот и приватниот сектор. Тој потенцираше дека ИНОФЕИТ ЕДИХ преку услугите „Test Before Invest“, развој на решенија базирани на вештачка интелигенција, проценка на дигиталната зрелост, обуки и пристап до експертиза, им овозможува на јавните институции и компаниите безбедно и ефикасно воведување на најсовремени дигитални технологии.

Проф. д-р Бранислав Геразов од ФЕИТ ги претстави техничките карактеристики и перформансите на системот. Тој објасни дека за надминување на оперативните предизвици при подготовката на стенографските записи е развиен високо специјализиран систем за автоматско препознавање на говор, кој директно одговара на потребите за брзина, прецизност и автоматизација.
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска ја истакна важноста од континуираното воведување современи дигитални технологии во работата на собраниската служба, нагласувајќи дека тие претставуваат клучен предуслов за понатамошно унапредување на нејзината ефикасност, функционалност и квалитетот на услугите што им ги обезбедува на пратениците и на граѓаните.

За успешна реализација на проектот, клучна беше соработката со Раководителот на Секторот за информациски и комуникациски технологии, Тања Данаиловска којашто ги овозможи потребните услови и ресурси за работа на системот од страна на ФЕИТ. Свој придонес во целиот процес даде и Заменикот-генералниот секретар Бобан Стојаноски со своите заложби за унапредување на дигитализацијата на Собранието.
Од страна на ФЕИТ, во изработка на системот придонесоа и студентите на ФЕИТ; Ема Мишевска активно се вклучи во развојот и евалуација на решението, како и поширок тим на анотатори кои работеа на доставените аудиоматеријали.

