Од 23 до 27 август 2026 година, во хотел „Гранит“ во Охрид, се одржа Меѓународната конференција за обопштени функции – GF2026 (International Conference on Generalized Functions), значаен меѓународен научен собир посветен на современите достигнувања во областа на обопштените функции и нивната примена.

GF2026 се одржа во рамките на долгогодишната традиција на меѓународните конференции промовирани од International Association for Generalized Functions (IAGF), кои претставуваат значајна платформа за научна комуникација и размена на идеи меѓу истражувачите од оваа област. Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) беше еден од организаторите на конференцијата.

На конференцијата учествуваа истакнати истражувачи од повеќе земји, кои ги презентираа најновите резултати од своите истражувања во различни области, како што се дистрибуции и ултрадистрибуции, псевдодиференцијални оператори и микролокална анализа, нелинеарни диференцијални равенки, хармонична и временско-фреквентна анализа, математичко моделирање и математичка физика, како и други современи аспекти на теоријата и примената на обопштените функции.

Искрено им благодариме на сите учесници, поканети предавачи и колеги за нивното учество и придонес, со што GF2026 стана успешна и незаборавна конференција.
Следното издание на конференцијата, GF2028, ќе се одржи во организација на Универзитетот Линеус во Векшјо, Шведска.

