Лабораторија за пазари на електрична енергија

Лабораторијата за пазари на електрична енергија функционира во рамките на Институтот за преносни електроенергетски системи (ИПЕЕС) на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ), следејќи ги образовните и научно – истражувачките потреби од областа на електроенергетските системи на ФЕИТ, но и потребите на електроенергетските претпријатија и државните институции во Република Македонија, во процесот на потполно отворање на пазарот со електрична енергија и негово поврзување во регионални и европски рамки.

Лабораторијата е основана во 2005. година, во време кога пазарното стопанисување со електрична енергија, како теорија и особено како практика, беше во своите рани стадиуми на развој во европски и светски рамки, а во нашата држава се работеше на поставување на основните предуслови за отворање на пазарот на електрична енергија – основање на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, амандмански измени на тогашниот Закон за енергетика со воведување на пазар на електрична енергија, преструктуирање (раздвојување) на вертикално интегрираното претпријатие за производство, пренос, дистрибуција и снабдување со електрична енергија „Електростопанство на Македонија“ и основање на оператор на пазарот на електрична енергија и оператори на мрежните системи.

Новите состојби во глобалната електроенергетика бараа современо образувани кадри, но и дополнителна обука на постојните кадри. Според тоа, финансиските средства за просторна адаптација и техничко опремување на Лабораторијата беа обезбедени од домашни и меѓународни проекти на ИПЕЕС, при што потребите од лабораториска опрема и софтвер беа речиси во целост (43.000,00 евра) обезбедени преку меѓународниот проект Tempus – CEFES (CD_JEP-18126 – 2003) за развој на нови постдипломски студии од областа „Економски исплатливи и еколошки енергетски системи“. Во рамките на овој проект беа предвидени повеќе цели кои водат кон прилагодување на образовните стандарди во земјата кон оние на Европската унија (ЕУ). Во овие цели спаѓаа прилагодувањето на наставата кон интересите и барањата на студентите и стопанството, едуцирање на идните експерти за проблемите врзани со екологијата и енергетиката, како и клучното значење на енергијата за националните економии и за економијата на ЕУ.

Кадарот на ИПЕЕС во изминатите неколку години е вклучен во низа проекти кои се однесуваат на поддршка на националните институции во развој на регулативата од областа на пазарот на електрична енергија, решенија за развој на регионална и национална берза на електрична енергија, како и решенија за интеграција на производството на електрична енергија од обновливи извори во пазарите на електрична енергија. Овие активности претставуваат потврда на заложбата на ИПЕЕС да се формира Лабораторијата и да се даде придонес во проблематика која продолжува да биде актуелна и поради трајната определба на ЕУ за формирање на заеднички европски пазар на електрична енергија.

Лабораторијата за пазари на електрична енергија, која истовремено се користи и како училница за изведување на наставата од студиските програми на додипломски и магистерски студии по електроенергетски системи на ФЕИТ, е опремена со проектор, 14 персонални компјутери и соодветен софтвер, кој вклучува Power World, GAMS и CPLEX. Лабораторијата се користи за изведување на настава и лабораториски вежби по предмети од областа на пазари на електрична енергија и електроенергетски системи.

Вежби во Лабораторијата за пазари на електрична енергија