Факултетот за електротехника и информациски технологии зеде активно учество на Startup Revolution AI Summit кој се одржа во Македонската филхармонија во Скопје со претставници на стартап-заедницата, индустријата, академскиот сектор и јавните институции. На главната сцена на настанот проф. д-р Живко Коколански говореше за градењето мостови помеѓу академската и стартап-заедницата, со посебен осврт на можностите за развој и примена на иновативни технологии од областа на вештачката интелигенција. Во своето обраќање, проф. Коколански ги претстави бројните ресурси, лаборатории, експертиза и механизми за поддршка што ФЕИТ и ИНОФЕИТ им ги ставаат на располагање на македонските стартапи и индустриски компании. Целта е компаниите да добијат полесен пристап до современи технологии, истражувачка инфраструктура и експертско знаење, но и можност за развој, тестирање и валидација на сопствени иновативни решенија.

Посебен акцент беше ставен на ИНОФЕИТ ЕДИХ – првиот Европски дигитален иновациски хаб во земјата кој веќе две години претставува еден од најзначајните двигатели во поддршката на дигиталната трансформација на претпријатијата и јавните институции. Преку активностите на ИНОФЕИТ ЕДИХ досега се реализирани околу 30 прототипни решенија, бројни обуки и активности за поддршка на компаниите во процесите на дигитализација, вмрежување и пристап до финансии. На овој начин, компаниите добиваат можност да ги тестираат најновите технологии и да развиваат иновативни решенија во соработка со експертите и истражувачките тимови на ФЕИТ.
Во продолжение, проф. Коколански ја претстави енергетската жива лабораторија на ФЕИТ, која отвора широк спектар можности за развој, тестирање и експериментирање со современи енергетски технологии и системи. Особено значајна можност претставува далечинскиот пристап до енергетските ресурси на живата лабораторија преку технологија на дигитален близнак имплементирана во рамките на проектот GOTOTWIN, проект финансиран преку програмата INTERREG IPA ADRION. Овој пристап им овозможува на стартапите и другите заинтересирани страни да користат современа истражувачка инфраструктура и да развиваат и тестираат нови енергетски решенија без неопходно физичко присуство во лабораторијата. Како дополнителна алка во процесот од идеја до функционално решение, на компаниите и стартапите им е достапна и лабораторијата за производство ФЕИТ ФАБЛАБ. Нејзините капацитети овозможуваат развој и изработка на прототипни решенија, со што се заокружува поддршката – од експертиза и развој на концепт, преку тестирање и експериментирање, до реализација на физички прототип.
Настапот на проф. д-р Живко Коколански предизвика голем интерес кај присутните, а по презентацијата беа иницирани повеќе можности за соработка со компании и институции. Со учеството на Startup Revolution AI Summit ФЕИТ уште еднаш ја потврдува својата определба активно да придонесува кон развојот на македонската економија и иновацискиот екосистем, ставајќи ги своето знаење, експертиза, лабораториски капацитети и проектни ресурси во функција на стартапите, индустријата и јавниот сектор.

