Свечено отворена 14. Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој, СКЕЕОР 2026, на ФЕИТ

Објавено: октомври 29, 2026

На 28 октомври 2026 година, во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), свечено беше отворено 14. издание на Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој, СКЕЕОР 2026. Конференцијата, која се одржува од 28 до 31 октомври, повторно ги обединува студентите, професорите, истражувачите, претставниците на институциите и индустријата, со заедничка цел: поттикнување на младите да развиваат иновативни решенија за предизвиците на енергетската транзиција и одржливиот развој.

Свеченото отворање беше одбележано со присуство и поздравни обраќања на деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски, проректорката за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, претседателот на Инженерската институција на Македонија, д-р Андреј Лепавцов, претседателот на Факултетското студентско собрание на ФЕИТ, Мартин Тодороски, претседателот на СКЕЕОР, Петар Димов, и координаторката на конференцијата, проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска.

Во своето обраќање, деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски, го истакна значењето на континуитетот на конференцијата и нејзината улога во создавањето простор за студентска научноистражувачка работа, размена на идеи и соработка со индустријата. Тој нагласи дека СКЕЕОР претставува успешен пример за поврзување на академското знаење со практичните предизвици и потребите на општеството, при што студентските истражувања добиваат видливост и можности за реална примена.

Министерката Сања Божиновска ја потенцираше важноста на младите инженери и истражувачи во процесот на енергетската транзиција, истакнувајќи дека енергетиката денес е прашање не само на производство и потрошувачка на енергија, туку и на економска конкурентност, технолошки развој, заштита на животната средина и квалитет на живот. Во своето обраќање, таа ги охрабри студентите да продолжат да истражуваат и да развиваат иновативни идеи кои можат да прераснат во конкретни решенија за современите енергетски предизвици.

Проректорката за наука, проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска, го истакна значењето на научноистражувачката дејност, интернационализацијата и активното вклучување на студентите во развојот на новите технологии и одржливите решенија. Таа ја нагласи важноста на студентските научни конференции како можност младите истражувачи да ги развиваат своите истражувачки компетенции, да стекнуваат искуство во научната комуникација и да воспоставуваат соработка со академската и професионалната заедница.

Претседателот на Факултетското студентско собрание на ФЕИТ, Мартин Тодороски, упати мотивирачка порака до своите колеги, охрабрувајќи ги активно да се вклучуваат во научноистражувачката работа и да не се двоумат да ги претстават своите идеи пред академската и професионалната јавност. Тој го истакна значењето на студентската иницијатива, меѓусебната поддршка и тимската работа, нагласувајќи дека учеството на конференции како СКЕЕОР претставува можност за стекнување нови знаења, самодоверба и искуства кои се важни за понатамошниот академски и професионален развој.

Претседателот на СКЕЕОР, Петар Димов, ја нагласи посебната вредност на конференцијата како настан создаден и организиран од студенти, за студенти. Во своето мотивирачко обраќање ги повика колегите да ја искористат можноста да истражуваат, да развиваат сопствени решенија и храбро да ги презентираат резултатите од својата работа. Тој истакна дека за учество во научна конференција најважни се љубопитноста, посветеноста и подготвеноста за учење, а СКЕЕОР е токму местото каде студентските идеи добиваат можност да бидат препознаени, дискутирани и понатаму развивани.

Координаторката на конференцијата, проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, се осврна на развојниот пат на СКЕЕОР, кој во пресрет на својот 15-годишен јубилеј прерасна во препознатлива платформа што ги обединува студентите, професорите, компаниите и институциите. Таа ја истакна посветеноста на генерациите студенти кои, преземајќи улоги на организатори, истражувачи и говорници, го граделе успехот на конференцијата, упатувајќи посебна благодарност до годинашниот организациски тим. Нагласи дека во време на климатски промени, растечка потрошувачка на енергија и потреба од чисти извори, науката, дигитализацијата и иновациите треба да се претворат во конкретни решенија, а СКЕЕОР да продолжи да биде место каде се спојуваат новите идеи и храброста тие да бидат презентирани.

Посебен дел од свеченото отворање беше посветен на промоцијата и вреднувањето на студентските научноистражувачки достигнувања, со признанија за најдобрите студентски трудови од СКЕЕОР 2025, под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Признанијата, доделени од министерката Сања Божиновска, се однесуваат на две категории: најиновативно предложено решение и студентски труд со најголем потенцијал за влијание, со што дополнително се поттикнува истражувачката и иновативната работа на младите.

Богата четиридневна програма со научни предавања, студентски истражувања и практични активности

Свеченото отворање продолжи со пленарното предавање „AI at Every Scale: From Data Centers to Wearable Devices“, одржано од проф. д-р Христијан Ѓорески од ФЕИТ, посветено на можностите и предизвиците на примената на вештачката интелигенција во современите технолошки системи.

Програмата на СКЕЕОР 2026, која трае до 31 октомври, вклучува научни сесии со презентации на студентски истражувачки трудови, пленарни и поканети предавања од истакнати домашни и меѓународни експерти, презентации на компании, панел-дискусии, интерактивни работилници и студиски посети.

Истражувањата опфаќаат широк спектар актуелни области, меѓу кои обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, електрични возила, автоматизација и мерења, системи за складирање енергија, вештачка интелигенција, одржливост на животната средина, нови технологии и материјали, како и енергетска ефикасност во индустријата и производството.

Особено внимание е посветено на интеграцијата на обновливите извори во електроенергетските системи, батериските системи за складирање енергија, зградите со нулти емисии, примената на дигиталните технологии и улогата на младите во праведната енергетска и климатска транзиција.

Во рамките на програмата се предвидени и презентации на компании од енергетскиот и технолошкиот сектор, како и панелот „Идеи што оставаат траен белег“, на кој наградени учесници од претходните изданија на СКЕЕОР и други меѓународни студентски натпревари ќе ги споделат своите искуства и успешни приказни.

Посебна вредност на конференцијата претставуваат активностите наменети за средношколците. Преку организирани посети на лабораториите на ФЕИТ и менторирани работилници, тие ќе имаат можност да се запознаат со инженерските дисциплини и да развиваат сопствени идеи за решавање енергетски и еколошки предизвици. Програмата вклучува и работилница за примена на дронови во инженерството, со акцент на автоматското управување, автономната инспекција и безбедната употреба на беспилотни летала, како и студиски посети на компании.

Младите како двигатели на енергетската транзиција и одржливиот развој

Со своето 14. издание, СКЕЕОР ја потврдува улогата на студентите како активни учесници во научноистражувачката работа, иновациите и технолошкиот развој. Конференцијата продолжува да гради мост помеѓу академската заедница, институциите и стопанството, создавајќи простор во кој студентските идеи можат да прераснат во практични решенија, нови партнерства и можности за професионален развој.

Преку континуираното поттикнување на истражувањето, интердисциплинарната соработка и меѓународната размена на искуства, СКЕЕОР останува посветена на својата основна мисија: да ги инспирира и поддржи новите генерации инженери да придонесуваат кон енергетски ефикасна, технолошки напредна и одржлива иднина.

Повеќе информации за конференцијата и нејзините активности се достапни на официјалната веб-страница: https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?lang=mk.