Успешно реализирана 14. Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој, СКЕЕОР 2026

Објавено: ноември 19, 2026

Од 28 до 31 октомври 2026 година, на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, успешно се одржа 14. Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој, СКЕЕОР 2026.

Во текот на четирите конференциски дена, СКЕЕОР повторно ги обедини студентите, универзитетските професори, истражувачите, претставниците на институциите, индустријата и младите ентузијасти, создавајќи простор за размена на знаења, презентација на истражувачки резултати, иновативни идеи и решенија за предизвиците на енергетската транзиција и одржливиот развој. Овогодишното издание се истакна со богата научно-стручна програма, активно учество на студентите и средношколците, меѓународна соработка и силна поддршка од академската заедница и релевантните институции.

Свечено отворање со присуство на високи претставници од институциите и академската заедница

Конференцијата беше свечено отворена на 28 октомври 2026 во Амфитеатарот на ФЕИТ, со поздравни обраќања на претставници од академската заедница, државните институции, инженерската професија и студентските организации. На присутните им се обратија:

  • Проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ;
  • Проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска, проректор за наука на УКИМ;
  • Г-ѓа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини;
  • Д-р Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија;
  • Мартин Тодороски, претседател на Факултетското студентско собрание на ФЕИТ;
  • Петар Димов, претседател на СКЕЕОР;
  • Проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, координатор на СКЕЕОР.

Свеченото отворање ја нагласи важноста на студентската истражувачка активност, поврзувањето на образованието со практиката и поддршката на младите инженери во развојот на иновативни и одржливи енергетски решенија.

Министерка Сања Божиновска ги додели признанијата за најдобрите студентски трудови од СКЕЕОР 2025

Посебен момент на свеченото отворање беше доделувањето на две признанија за најдобри студентски трудови презентирани на 13. издание на СКЕЕОР во 2025 година, под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Признанијата ги додели министерката Сања Божиновска, со што дополнително беше истакната важноста на поддршката на студентската иновативност и истражувачките достигнувања.

Признанието за најдобар студентски труд со предложено најиновативно решение за надминување на енергетските предизвици им беше доделено на Јелена Ѓошиќ и Андреа Ѓошева, за трудот „Дизајн на паметен систем за наводнување со IoT решение“.

Признанието за најдобар студентски труд со потенцијал за позитивно влијание и придонес за надминување на енергетските предизвици им беше доделено на Бошко Бошков, Маја Наумоска и Виктор Миленкоски, за трудот „Неконвенционални извори на електрична енергија: можности и перспективи на пиезоелектричната технологија“.

Овие признанија претставуваат поттик за младите истражувачи да продолжат со развој на применливи и иновативни решенија во областа на енергетиката и одржливиот развој.

Признание за афирмација на ФЕИТ на меѓународната инженерска сцена

Во рамките на свеченото отворање, деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски, додели и посебно признание за успешно претставување и афирмација на Факултетот на меѓународната инженерска сцена.

Признанието им беше доделено на студентите Марко Доневски, Елена Тодорова и Маја Наумоска, кои ја освоија главната награда за најдобар проект на 29. издание на меѓународниот натпревар ICAMES (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students), со проектот „AI-Driven Smart Rehabilitation for Lateral Ligament Knee Injuries“.

Ова меѓународно признание претставува потврда за квалитетот на студентските истражувања и иновативниот потенцијал на младите инженери од ФЕИТ, како и за нивната способност успешно да се натпреваруваат и да постигнуваат врвни резултати на меѓународно ниво.

Богата научно-стручна програма со пленарно и поканети предавања

Конференциската програма опфати едно пленарно и седум поканети предавања, со учество на универзитетски професори, експерти и претставници на национални и меѓународни организации.

Пленарното предавање на тема „AI at Every Scale: From Data Centers to Wearable Devices“ го одржа проф. д-р Христијан Ѓорески од ФЕИТ, претставувајќи ги можностите и примените на вештачката интелигенција во современите технолошки системи.

Поканетите предавања опфатија повеќе актуелни теми, меѓу кои:

  • Згради со нулта емисија и одржливо градежништво, проф. Бојан Миловановиќ, Универзитет во Загреб;
  • Обновливи извори на енергија и праведна енергетска транзиција, Марко Минов, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини;
  • Системи за складирање енергија во батерии, проф. Димитар Димитров, ФЕИТ;
  • Претставување на Energy Living Lab, проф. Живко Коколански, ФЕИТ;
  • Прекугранична младинска соработка во областа на енергетиката и климатските активности, Темитопе Ајанладе, YES Europe / McGill University;
  • Улогата на младите како двигатели на иновациите, Јакопо Сала, European Youth Energy Network;
  • Енергетските заедници и електричните возила како двигатели на транзицијата кон децентрализирани и декарбонизирани електроенергетски системи на проф. Бодан Велковски од ФЕИТ.

Програмата беше дополнета со презентации на компании, панел-дискусија со претходно наградени студенти, стручни работилници и студиски посети, со што беше овозможено поврзување на теоретските знаења со практичните инженерски предизвици.

21 студентски труд, 41 автор и повеќе од 20 ментори

Централниот дел од конференцијата го сочинуваше презентацијата на 21 студентски научно-истражувачки труд, подготвени од 41 автор, со поддршка од повеќе од 20 ментори. Трудовите беа претставени во тематски сесии посветени на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и одржливоста во индустријата, електричните возила, новите технологии и материјали, автоматизацијата, мерењата и современите енергетски системи. Во водењето на конференциските сесии беа вклучени 10 модератори, кои придонесоа за квалитетна стручна дискусија и размена на искуства меѓу учесниците.

Активно вклучување на средношколците и поттикнување на идните инженери

Особено значаен сегмент на СКЕЕОР 2026 беше учеството на 35 средношколци, кои имаа можност да се запознаат со лабораториските капацитети на ФЕИТ и да учествуваат во интерактивна работилница посветена на енергетските и еколошките предизвици. Преку менторска тимска работа, средношколците развиваа и презентираа сопствени концепт-решенија, стекнувајќи практично искуство во тимска работа, креативно размислување и решавање реални проблеми. Оваа активност претставува важен придонес кон раното поттикнување на интересот за инженерството, енергетиката и одржливите технологии.

Студентите како двигатели на организацијата

Успешната реализација на конференцијата беше овозможена и благодарение на активниот ангажман на речиси 20 студенти во организацискиот тим, кои учествуваа во подготовката, координацијата и спроведувањето на конференциските активности. СКЕЕОР на тој начин продолжува да ја исполнува својата двојна мисија: да биде платформа за презентација на студентски истражувања и истовремено простор за развој на организациски, комуникациски и лидерски вештини кај младите.

Поврзување на академската заедница, институциите и индустријата

Во рамките на конференцијата беа реализирани и активности за поврзување на студентите со индустријата и професионалната практика, вклучително и презентации на EVN, Раде Кончар Сервис и ОКТА, како и студиски посети на PickCell и ОКТА.

Дополнителна вредност на програмата дадоа панел-дискусијата со претходно наградени студенти, претставувањето на искуства од практикантска работа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и работилницата за примена на дронови во инженерството, со учество на претставници од ФЕИТ и Агенцијата за цивилно воздухопловство.

СКЕЕОР продолжува да ја гради заедницата на идни инженери и истражувачи

Со успешно реализираното 14. издание, СКЕЕОР уште еднаш ја потврди својата улога како значајна платформа за промоција на студентските истражувања, иновациите, енергетската ефикасност и одржливиот развој. Конференцијата заврши на 31 октомври со доделување сертификати и свечено затворање, оставајќи простор за нови идеи, партнерства и идни студентски истражувачки активности.

Организаторите изразуваат благодарност до сите студенти, ментори, предавачи, модератори, институции, компании, партнери и поддржувачи кои придонесоа за успешната реализација на СКЕЕОР 2026. Со особена благодарност до студентскиот организациски тим, чија посветеност, ентузијазам и волонтерски ангажман се суштински дел од континуитетот и успехот на конференцијата.

За повеќе информации и впечатоци од конференцијата СКЕЕОР 2026, посетете ги веб страницата и социјалните мрежи на СКЕЕОР (Facebook, LinkedIn).