Успешно реализирана работилница на тема „Основи на наменски компјутерски архитектури и работа со FPGA“ во ФЕИТ ФАБЛАБ

Објавено: ноември 27, 2026

На 23 ноември 2026 година, наставниот кадар од Институтот за компјутерски технологии и инженерство при Факултетот за електротехника и информациски технологии, во соработка со Средното училиште „Илинден“, успешно реализираше едукативна работилница на тема „Основи на наменски компјутерски архитектури и работа со FPGA“, во Лабораторијата за производство – ФЕИТ ФАБЛАБ.

Работилницата ја одржа вонр. проф. д-р Данијела Ефнушева, со активно учество и поддршка од асистентот Кристијан Нелковски од Институтот за КТИ.

Целта на работилницата беше учениците да се запознаат со основните принципи на компјутерските архитектури, организацијата и функционирањето на компјутерските системи, како и со можностите за развој и имплементација на наменски дигитални решенија со користење на FPGA (Field-Programmable Gate Array) технологија.

Во рамките на работилницата беше презентирана архитектурата на компјутерските системи, со посебен осврт на нивните основни компоненти, функционалности и меѓусебна поврзаност. Преку интерактивен пристап и практични задачи, учениците имаа можност непосредно да се запознаат со процесот на програмирање на FPGA уреди и да стекнат практично искуство во реализацијата на дигитални системи.

Посебен акцент беше ставен на поврзувањето на теоретските знаења со практичната примена, со што учениците добија можност подобро да ги разберат современите технологии и нивната улога во развојот на компјутерските и вградените системи.

Работилницата помина во интерактивна и креативна атмосфера, поттикнувајќи љубопитност, активно учество и интерес кај учениците за понатамошно изучување на компјутерските науки и инженерството.

Со реализацијата на вакви едукативни активности, ФЕИТ ја потврдува својата посветеност кон унапредување на соработката со средните училишта, промоција на современите инженерски технологии и поттикнување на интересот кај младите за техничките науки, создавајќи можности за нивен понатамошен академски и професионален развој.