Сите студенти и вработени на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе имаат бесплатен пристап до содржините на списанието ЕМИТЕР. Тоа е првата високо-образовна институција корисник на системот за групна електронска претплата на веб продавницата www.emiter.mk
Претплатата на сите студенти на ФЕИТ ќе им овозможи брз и едноставен пристап до содржините на Емитер, што секако ќе биде од полза при студирањето, особено за вежбите, практичните проекти, семинарските и дипломските трудови. Со ваква групна претплата, сите студенти и вработени од ФЕИТ ќе имаат неограничен пристап до електронските броеви опфатени со претплатата, односно до сите броеви од следната година плус претходните броеви од 2015 година до денес.
Претплатата истовремено претставува и директна поддршка за работата на ЕМИТЕР, сигнал дека ФЕИТ ја чувствува потребата за неформално дополнување на образованието на своите студенти и ја поддржува едукативната, информативната и научно-популарната мисија на списанието.
За мало потсетување на сите читатели: токму на ФЕИТ (тогаш Електротехнички факултет – ЕТФ) во далечната 1995 година беше одржана промоцијата на првиот број од списанието ЕМИТЕР, кое тогаш беше исклучиво посветено на електрониката, телекомуникациите, информатиката, автоматиката, аудио и видеотехниката. До денес поминаа повеќе од 24 години, 200 броја на ЕМИТЕР и десетина книги и брошури. Токму затоа ФЕИТ е првата образовна институција на која ѝ беше понудена опцијата за групна претплата и таа, со воодушевување, беше прифатена од деканот проф. д-р. Димитар Ташковски и поддржана од повеќе професори.