Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии (ФЕИТ) при УКИМ е координатор на европскиот проект WeHEALTH (Widening Research on Pervasive and eHealth) од програмата Хоризонт 2020.
Целта на проектот е подобрување на истражувањето во областа на е-здравје и интеграција на различни области како што се вештачка интелигенција, машинско учење, наука за податоци, итн. Притоа, во рамките на проектот ќе се изведуваат различни активности како што се размена на искуства и научни истражувања, предавања, организација на настани, организирање летни школи и формулирање на нови заеднички истражувачки проекти и формални билатерални соработки.
Проектот ќе овозможи на новата генерација на истражувачи во земјите на партнерите да развиваат и адаптираат нови технологии за е-здравствена заштита. Исто така, проектот ќе воспостави одржлива мрежа на истражување и дисеминација на знаење низ цела Европа во темата e-здравје. Проектот посебно ќе се осврне на следниве три аспекти на истражување:
- (i) здравствена заштита управувана од податоци,
- (ii) човечки фактори во е-здравје,
- (iii) федерално машинско учење.
Покрај тоа, WeHEALTH ќе вклучува обука на административниот персонал за подобрување на вештините за управување со проекти и администрација на финансирање за истражување.
Конзорциумот се состои од 5 партнери, кои што се меѓународно препознаени за научните истражувања и достигнувања во областа на е-Здравство:
- ФЕИТ/УКИМ – координатор на целиот проект
- Институт Јожеф Стефан од Словенија
- ID (Associacao para a Investigacao e Desenvolvimento de Ciencias) од Португалија
- FBK (FONDAZIONE BRUNO KESSLER) од Италија
- HPI (HASSO-PLATTNER-INSTITUT FOR DIGITAL ENGINEERING GGMBH) од Германија,
Проектот треба да започне на 01.01.2021 и ќе трае 30 месеци. Проектот е одлична прилика за научно-истражувачка работа на истражувачи, студенти од ФЕИТ во областите на е-здравство, вештачка интелигенција и машинско учење.