Летна школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“

Последна измена: јули 3, 2020

Летната школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“ за прв пат се одржа во Скопје во рамките на меѓународниот DАAD проект „Embedded system design” во 2011. година. Поради големиот интерес што таа го предизвика, Институтот за електроника, под раководство на проф. д-р Јосиф Ќосев, продолжи да ја организира школата секоја година, во првата седмица по завршување на јунскиот испитен рок. Оттогаш бројот на посетители постојано расте, за последните години да достигне до 60, иако бројот на пријавени кандидати ја надмина таа бројка. Меѓу посетителите имаше и средношколци кои во повеќе наврати покажаа високи резултати и освоија награди на натпреварите. Школата трае пет работни дена и содржи: теоретски дел – предавања кои се одвиваат во претпладневните часови, практичен дел во лабораториите на Институтот во попладневните часови и проект за самостојна работа во вечерните часови. Тоа тече интензивно четири дена, а петтиот ден посетителите ги презентираат своите решенија и се натпреваруваат. Најдобрите добиваат дипломи и награди (од Институтот за електроника и од спонзори), а сите студенти што успешно ја завршиле Школата добиваат сертификати за освоени кредити. Петтиот ден, по завршување на школата, на програмата е дружење во вечерните часови. Предавањата ги држат наставниците од Институтот за електроника, но предавања држат и наставници од другите институти на Факултетот, од други факултети од УКИМ, како и редовниот гостин и соработник на Школата од Електронскиот факултет во Ниш – проф. д-р Миле Стојчев. Практичниот дел го држат соработниците при Институтот за електроника со помош од најдобрите студенти по предметот „Вгнездени микрокомпјутерски системи“. Редовен соработник и спонзор за награди е компанијата СЕАВУС од Скопје со м-р Благој Ќупев. На поканите за учество се одѕваа и други компании од областа, од кои позначајна донација за Школата даде Логинг електроникс. Успешното завршување на школата им носи на студентите 2 кредити.