ФЕИТ има континуирана соработка со ITU (International Telecommunication Union), најголемата организација за телекомуникации во светот, составен дел од Организацијата на Обединетите нации (ООН), во проектот на ITU CoE (Centre of Excellence) за градење на капацитетот за телекомуникации во глобални рамки преку глобалната CoE мрежа на ITU. Раководител на проектот меѓу ФЕИТ и ITU е проф. д-р Тони Јаневски, и тоа во трите циклуси: 2009 – 2014, 2015 – 2018, и 2019 – 2022 година, во кои ФЕИТ е континуирано избиран на ITU повиците за соработка заради одличните резултати во своите активности. Во рамките на соработката меѓу ФЕИТ и ITU во изминатите 10 години (2009 – 2019) се реализирани 20 активности на градење на капацитетите (capacity building) во регионот на Европа и на глобално ниво во приоритетнатa област Wireless and Fixed Broadband, со фокус кон телекомуникациските технологии што ITU ги стандардизира и хармонизира. Притоа, целта на ITU CoE активностите е да се обезбеди рамномерен развој на телекомуникациите во сите делови на светот, вклучувајќи ги и развиените земји и земјите во развој.