Hour of Code

Датум на настан: 13.12.2019

Во Петок 13.12.2019 од 12:00 часот, на Факултетот за електротехника и информациски тeхнологии ќе се одржи традиционалниот и меѓународен настан “Hour of Code” кој долги години се организира на Факултетот. Иницијативата за организацијата на настанот и оваа година потекнува од студентите, преку Факултетското студентско собрание на ФЕИТ, но и од наставниот кадар на Институтот за компјутерски технологии и инженерство, со основна цел доближување на програмирањето до младите генерации.

Настанот е дел од иницијативата Hour of Code организирана од компанијата code.org која има за цел промоција на програмирањето кај сите возрасти, почнувајќи од основно училиште. ФЕИТ се приклучува кон оваа иницијатива долги години и поканува повеќе средни училишта да учествуваат на настанот во просториите и лабораториите на ФЕИТ.

 Целта е едночасовен вовед во компјутерскиот свет и програмирањето, осмислен од code.org, со цел да го демистифицира “кодирањето”, покажувајќи дека секој може да ги научи основите и да го  прошири своето знаење за компјутерите и компјутерскиот свет.

 Оваа година во настанот учество ќе земат 9 средни училишта од Македонија (од Скопје, Куманово, Велес и Штип) со околу 60-тина ученици кои ќе се запознаат со основите на програмирањето, како и со неколку области од компјутерското инженерство кое се негува на ФЕИТ.

Учeсниците на настанот ќе имаат прилика да дознаат нешто повеќе за компјутерските науки и за програмирањето како дел од компјутерските науки и инженерството, поттикнувајќи ги да почнат да учат да програмираат и можеби да се насочат кон оваа гранка и во своите професионални определби. Исто така, настанот ќе биде можност средношколците и студентите од ФЕИТ да се запознаат, дружат и разменат искуства во однос на нивните интереси, желби и можни идни насоки за студирање.