На 14 и 15 април 2025 година, на Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе се одржи дводневниот настан „Технологија за тебе“, кој претставува уникатна платформа за практична едукација, вмрежување и поттикнување на иновации во областа на вградливите микрокомпјутерски системи. Главни организатори на настанот се ФЕИТ ФАБЛАБ и Логинг Електроникс, при што активностите во ФЕИТ ФАБЛАБ ги спроведуваат Институтот за електроника, Институтот за телекомуникации, Институтот за автоматика и системско инженерство и Институтот за компјутерски технологии и инженерство при ФЕИТ.
Во рамките на настанот се реализираат повеќе паралелни активности насочени кон различни целни групи. Учениците од средните стручни училишта имаат можност да учествуваат во едукативни сесии и натпревар на тема вградливи микрокомпјутерски системи, додека наставниците од истите училишта следат стручни обуки подготвени и реализирани од професори од ФЕИТ. Овие обуки се дел од активностите на Европскиот дигитален иновациски хаб ИНОФЕИТ ЕДИХ, со фокус на дигиталната трансформација на образованието и јавниот сектор.
Програмата вклучува и специјализирана практично-показна работилница на тема „Развојни микропроцесорски системи“, која се одржува по шести пат, со учество на ученици, професори и директорите на училиштата. Работилницата е организирана во соработка со водечките производители на развојни платформи како Mikroelektronika, Arduino и Raspberry, а специјален гостин на настанот е компанијата Микроелектроника, која ќе ги претстави најновите решенија во областа на микропроцесорските системи, меѓу кои и системот за далечинско програмирање и контрола – Planet Debug.
Во текот на вториот ден, учениците ги презентираат своите проекти, а најдобрите се наградуваат со дипломи, вредни награди од Логинг Електроникс и со стипендии од институтите при ФЕИТ. Работилницата „Технологија за тебе“ претставува одличен пример за синергија помеѓу академијата, индустријата и образовните институции, насочена кон креирање на генерации млади техничари и инженери подготвени за предизвиците на модерното дигитално општество.
Придружетени се, целосната агенда на настанот можете да ја најдете на следниот линк.