Спој на науката, академијата и индустријата кој ги тестира границите на возможното
Скопје, април 2025 – Факултетското студентско собрание при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФСС ФЕИТ) со гордост го најавува петтото, јубилејно издание на Science@FEIT – Првиот меѓународен конгрес на техничките факултети во Северна Македонија, што ќе се одржи на 9 и 10 мај 2025 година, во DoubleTree by Hilton и просториите на ФЕИТ во Скопје.
Овој значаен јубилеј ја зацврстува позицијата на Science@FEIT како водечка студентска иницијатива која го обединува најдоброто од академијата, индустријата и иновациите. Конгресот е платформа за поврзување на млади инженери, професори, истражувачи и визионери кои активно ја обликуваат технолошката иднина.
Годинешното издание нуди богата и динамична програма, вклучувајќи:
- Предавања од врвни експерти од електротехниката и информациските технологии за примена во енергетиката, кибербезбедноста, машинското учење и вештачката интелигенција, авијацијата и други актуелни области.
- Практични работилници за унапредување на студентските професионални и лични вештини.
- Панел дискусии на актуелни теми: енергетика, зелена транзиција, кибербезбедност и дигитална трансформација.
- Можности за вмрежување преку директна интеракција со претставници од водечки компании, институции и технолошки лидери.
Под слоганот „Инженерството ја гради иднината“, Science@FEIT отвора простор за нови перспективи, идеи и партнерства, охрабрувајќи го критичкото размислување за улогата на инженерството во современото општество и неговата трансформативна моќ.
Пријавувањето е веќе отворено преку официјалната веб-страница на ФСС ФЕИТ.