Лабораторија за електрични мерења (ЛЕМ) – Акрeдитирана лабораторија за калибрација на мерила за електрични величини, енергија и моќност


Лабораторијата за електрични мерења (ЛЕМ) е самостојна факултетска лабораторија, согласно член 34 од Статутот на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ) во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (УКИМ) (Универзитетски гласник бр. 457/2019).

Временски развој на ЛЕМ

  • Ноември 2014 год. – воведување систем за обезбедување компетентност и квалитет во ЛЕМ.
  • Ноември 2015 год. – доделена акредитација од страна на Институтот за акредитација на Р. Македонија (ИАРМ), сообразно меѓународниот стандард МКС EN ISO/IEC 17025:2006, како лабораторија за калибрација на мерила за електрични величини, електрична моќност и енергија, со Сертификат за акредитација бр. ЛК-012.
  • Ноември 2019 год. – ЛЕМ е повторно акредитирана сообразно ново издание на меѓународниот стандард МКС EN ISO/IEC 17025:2018, со проширен опсег за изведување калибрации на терен.
  • Ноември 2021 год. – под бр. 05-1323/9 (архивски број на ФЕИТ) и бр. 15-15590/22 од 22.11.2021 (архивски број на Министерството за Образование и Наука на Р. С. Македонија – МОН) – склучен Договор за доделување средства за финансирање научно-истражувачки проект од посебен и јавен интерес (поддршка за развој на лабораториски ресурси) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Факултет за електротехника и информациски технологии, за реализација на проект од проектна линија 2 „Развој и надградба на лабораториски ресурси за истражување и воведување нови аналитички методи во електрична метрологија“, согласно чии одредби во ЛЕМ се воведени нови методи за калибрации на мерила за големи еднонасочни и наизменични струи, високи фреквенции на електрични сигнали, многу големи електрични отпорности, многу мали електрични отпорности и електрична индуктивност. Развиена е истражувачка инфраструктура преку набавка на референтни еталони за калибрација на мерила со значително проширен мерен опсег, вклучително и мерила за нови величини, сместени во лабораториските простории на Лабораторијата за електрични мерења при УКИМ-ФЕИТ.
  • Октомври 2023 год. – повторна акредитација на ЛЕМ со проширен опсег на мерни и калибрациски можности објавени во Прилогот кон Сертификатот за акредитација бр. ЛК-012 издаден од страна на ИАРСМ и објавен на www.iarm.gov.mk со важност до11.2027 година.

Визија на ЛЕМ

Да биде врвна метролошка лабораторија во областа на електромагнетните величини со ниво на квалитет што ќе овозможи домашна, регионална и меѓународна препознатливост.

Мисија на ЛЕМ

Изведување калибрации и тестирања според национални и меѓународни стандарди и прописи, користејќи современи методи и опрема со примена на најдобра лабораториска пракса, согласно потребите и барањата на корисниците, обезбедување непрекинат ланец на мерна следливост во областа на електромагнетните величини во метролошката инфраструктура на Република Северна Македонија и пошироко во регионот.

ЛЕМ своето реноме го гради врз основа на три столба на квалитет:

  • врвно компетентен кадар,
  • најсовремен лабораториски простор и опрема со докажана мерна следливост до примарни национали или меѓународни еталони, како и
  • валидирани лабораториски постапки.

Кадар ангажиран во ЛЕМ

проф. д-р Марија Чундева-Блајер – раководител на ЛЕМ, mcundeva@feit.ukim.edu.mk

проф. д-р Владимир Димчев – заменик раководител на ЛЕМ, vladim@feit.ukim.edu.mk

проф. д-р Живко Коколански – извршител на калибрации, kokolanski@feit.ukim.edu.mk

вонр. проф. д-р Маре Србиновска – менаџер за квалитет и извршител на калибрации, mares@feit.ukim.edu.mk

асист. д-р Кирил Демерџиев – заменик менаџер за квалитет и извршител на калибрации, kdemerdziev@feit.ukim.edu.mk

Врвната компетентност на кадарот на ЛЕМ постојано се одржува преку учества на најзначани меѓународни научни конференции од областа на метрологијата, на кои се презентираат и сопствени научни придонеси, учества на меѓународни обуки, учества во меѓулабораториски споредби и меѓународни тестирања за оцена на оспособеноста, и објавување резултати од научни истражувања во референтни научни публикации со фактор на влијание.

Калибрациите на опремата се вршат во национални метролошки институти од регионот и пошироко со впишани најдобри мерни и калибрациски можности (CMC) во база на Меѓународното Биро за Мери и Тегови (BIPM) во Париз, или во лаборатории за калибрација акредитирани од страна на акредитациски тела потписници на Меѓународниот договор за признавање на сертификатите за калибрација EA MRA/MLA. Референтните еталони на ЛЕМ ја опфаќаат следната опрема: 8 ½ Digit Multimeter Agilent 3458A, Multi-Product Calibrator Fluke 5500A, Three phase comparator Zera COM3003, Calibrator Calmet C300, FLUKE 732A Reference Standard, повеќенаменски калибратор Time Electronic 5025C, мултифункционален калибратор Transmille 4015 (со повеќе додатоци за калибрација на осцилоскопи, мерила за индуктивност, мерила со големи и мали струи), делител на напон FLUKE, IET еталони за отпорност и капацитивност, како и други професионални дигитални мултиметри, отпорнички, капацитивни и индуктивни декади, и мерни мостови.

Од доделувањето на акредитација, бројот на калибрации и видот на мерила кои се калибрираат во ЛЕМ постојано се зголемува. Со тоа ЛЕМ стана препознатлив субјект во метролошкиот систем, како на национално, така и на регионално ниво. Во ЛЕМ се спроведуваат калибрации на мерна опрема, како за индустријата во државата, за интернационални странски корпорации кои фунционираат во и надвор од технолошко-индустриските развојни зони, тела за оцена на сообразност (лаборатории за калибрација, лаборатории за тестирање, инспекциски тела, сертификациски тела), но и за компании од регионот.

Една од најзначајните активности на ЛЕМ се учества во меѓулабораториски споредби и меѓународни шеми за тестирање на оспособеноста. Дел од резултатите од овие активности се објавени во базата на клучни споредби KDBC на Меѓународното Биро за Мери и Тегови (BIPM) во Париз. Лабораторијата за електрични мерења соработува со националните метролошки институти од регионот, но и со други акредитирани лаборатории за калибрација, преку учества во различни регионални иницијативи.

Членовите на ЛЕМ активно ја следат и работата на Меѓународното Биро за Мери и Тегови (BIPM) во Париз, Европската регионалната метролошка организација Euramet, Европската асоцијација на лаборатории Eurolab, Меѓународната Конфедерација за Мерења IMEKO. ЛЕМ преку свои претставници учествува и во активностите на Македонското Здружение на Лаборатории и Инспекциски Тела МАКЛАБ, а соработува и со државните институции во инфраструктурата за квалитет, како што се Институтот за Акредитација, Институтот за Стандардизација и Бирото за Метрологија на Република Северна Македонија