Во соработка со одделот за електроенергетика во македонската секција на IEEE, ФЕИТ го организира Денот на енергија и одржливост. Настанот се одржува во рамки на иницијативата Денови на одржлива енергија, а чија цел е промоција на користење чиста енергија и енергетска ефикасност. Плановите за спроведување на енергетската транзиција и потребата за сигурно снабдување со енергија се поттик за промени на сите општествени нивоа и за иновации кои ќе овозможат да се постигнат целите за искористување на енергија од обновливи извори и за постигнување на климатските цели.
Овие теми се дел од наставните содржини на ФЕИТ, но истовремено, се теми кои ја засегаат нашата поширока заедница. Организацијата на овој настан има за цел да ги претстави истражувачките активности на наставниот кадар и идеите на нашите студенти. Токму затоа, во рамки на настанот ќе бидат презентирани неколку проекти во кои учествуваат истражувачки тимови од ФЕИТ, но и студентски проекти и предлози за спроведување одржливи практики на ФЕИТ.