Од 10 до 12 јуни 2019 год. во Скопје се одржа третата конференција по телекомуникации „BalkanCom 2019”. Овогодинешната конференцијата беше фокусирана на идните мобилни технологии, под мотото „5G and beyond” и беа сублимирани актуелните прашања и истражувања во областа на информациско-комуникациските технологии. Конференцијата ја отвори министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Дамјан Манчевски и генералниот директор на Македонски телеком г-дин Никола Љушев, зборувајќи за развојот на телекомуникациите во земјата и идните планови за воведување на 5G. На конференцијата учествуваа околу 100 учесници, од 22 земји, меѓу кои три пленарни предавачи и шест панелисти со светско реноме. Беа организирани и шест специјални сесии од областа безжичните комуникации, информациските системи и телекомуникациските мрежи. На конференцијата се даде можност и на идните студенти да ги претстават своите трудови на студентска сесија.
Главната цел на BalkanCom е да ги собере истражувачите од академските кругови, истражувачките лаборатории и индустријата од целиот свет токму на Балканскиот регион. Конференцијата се осврнува на важни предизвици во развојот на комуникациите и омрежувањето, овозможува трансфер на знаење и истовремено го зајакнува потенцијалот и талентот што се наоѓа на Балканскиот полуостров.
Конференцијата беше технички помогната од Факултетот за електротехника и информациски технологии, и спонзорирана од Македонски телеком (Golden Sponsor) и Vista Group (Silver Sponsor). Како дел од организацијата на BalkanCom 2019, беа и студентите од ФЕИТ и студентската организација EESTEC.