Скопје, 21.09.2018 – Од 24-ти до 28-ми септември 2018 година, по шести пат, Институтот за компјутерски технологии и инженерство при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) организира воведен курс за програмирање Code@FEIT 2018.
Курсот ќе го посетуваат идните, новозапишани студенти на ФЕИТ (без претходно програмерско искуство), постојните студенти на Факултетот и лица кои имаат желба да се запознаат со основите на програмирањето.
Сите учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основите на програмирањето и за тоа како се дизајнираат алгоритми. Преку интерактивната настава, практично, ќе можат да преточуваат проблеми во алгоритми, односно потоа во програмски код.
Целта на курсот е да се покажат најновите пристапи кон програмирањето и да се мотивира младите лица да учат програмирање и да креираат софтверски апликации. Интерактивната настава ќе ја покрие наставниот и соработничиот кадар на Институтот за КТИ и кадар од Факултетската компјутерска лабораторија.
„Code@FEIT е особено успешна приказна, која шеста година по ред ќе ја организира Факултетот за електротехника и информациски технологии. Повеќе од четиристотини слушатели од различни профили, во изминатите години, токму преку овој курс, се запознаа со основите на програмирањето. Наставниот кадар на Институтот за КТИ при ФЕИТ со задоволство ќе продолжи да го пренесува своето долгогодишно искуство и знаење на сите кои се заинтересирани да навлезат во тајните на програмирањето. Се надеваме на уште многу успешни настани“, вели вонредниот професор Марија Календар, раководител на Институтот за КТИ при ФЕИТ.
Сите заинтересирани може да добијат подетални информации на официјалната веб страна на ФЕИТ (http://www.feit.ukim.edu.mk) или преку електронската пошта: codeatfeit@feit.ukim.edu.mk.