Добитници на награди на натпреварите во областа искористување на ОИЕ и транзиција кон одржлив развој – проект TRANSIT

Последна измена: март 21, 2025

Проектот TRANSIT во кој учествуваат  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии и ЕВН Македонија организира натпревари поврзани со искористувањето на енергија од обновливи извори и транзиција кон одржлив развој во три категории:

  1. Најдобар детски цртеж за деца од основни училишта (7 – 11 години);
  2. Најдобар магистерски труд;
  3. Претпријатие/стопанско здружение кое дало најголем придонес кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија.

Повеќе информации за проектот се достапни на веб страната овде.

На 19.03.2025 г. одржан е состанок на комисијата за доделување на наградите на проектот TRANSIT која се состои од учесници во проектот. Добитници на наградите се:

Најдобар детски цртеж

Добитник на наградата (1. место) е ученикот Лука Вељановски од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ – Скопје.
Поради големиот интерес за натпреварот, се прогласуваат уште 4 дополнителни добитници на пофалница (дадени по азбучен ред):

  • Иларија Марковска – ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Куманово
  • Дион Махмути – ООУ „25ти Мај“ – Скопје
  • Мила Талевска – ООУ „Коле Канински“ – Битола
  • Саше Ќамилов – ООУ „Кирил и Методиј“ – Стојаково, Богданци

Критериуми за оценувањето на цртежите се оригиналност на идејата на цртежот од аспект на искористувањето на обновливи извори на енергија, техниката и квалитетот на изработка на цртежот и возраста на авторот.

      

     

Најдобриот цртеж на тема искористување обновливи извори на енергија/одржливост е награден на државно ниво со TRANSIT трофеј, парична награда од 300 евра за институцијата и соодветен подарок за детето. Победникот на државно ниво ќе биде дел од натпреварување на европско/меѓународно ниво. Меѓународните награди вклучуваат трофеј и парична награда од 1000 евра за институцијата и подарок за детето. 

Најдобар магистерски труд

Добитник на наградата е м-р Александар Чавлески, кој магистрирал на тема „Фотоволтаичен систем за електричен погон на пловечки објекти“ под менторство на проф. д-р Димитар Димитров, на Факултетот за електротехника и информациски технологии, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Најдобриот магистерски труд, според критериумите на иновативност, оригиналност, влијание и достигнување, е награден на државно ниво со TRANSIT трофеј и парична награда од 300 евра. Покрај тоа, победникот ќе земе учество на натпреварувањето на меѓународно/европско ниво, каде се доделува парична награда од 1000 евра.

Натпревар за претпријатија/стопански здруженија

Добитник на наградата е Македонското здружение за енергија од обновливи извори (МАРЕС) кое во изминатите 12 месеци значително придонело кон одржливиот развој и производство/искористување на обновливите извори на енергија.

Критериумите за избор се:

  1. Обемот на работа и посветеност за распространување на идејата за искористувањето на обновливите извори на енергија и/или обука на вработените во врска со транзицијата кон одржлив начин на живот/кариера и/или поддршка на локалните заедници за усвојување на одржливи практики;
  2. Влијанието на постигнатите резултати во распространувањето на идејата и знаењата за искористувањето и транзицијата кон обновливи извори на енергија на крајните корисници;
  3. Грижата за родовата еднаквост на учесникот во натпреварот.

Најуспешното претпријатие/здружение на натпреварот на државно ниво е наградено со TRANSIT трофеј и понатамошно учество на меѓународно/европско ниво.