ФЕИТ ФабЛаб на Саемот за креативни индустрии 2023

Објавено: декември 5, 2023

ФЕИТ ФабЛаб со поддршка од ФСС на ФЕИТ, се претстави со свој штанд на овогодинешниот „Саем на креативни индустрии“ што се одржа на 28. и 29. ноември 2023 во „Скопје сити мол“. На саемот беа изложени низа проекти изработени од студентите и кадарот на ФЕИТ; дел од нив се во фаза на изработка за претстојното издание на студентската програма INNO-SAE (Innovations in Smart Anything Everywhere).

Повеќе од 2000 посетители, од кои повеќе од половина основци и средношколци, во текот на два дена имаа можност да ги видат изложените проекти меѓу кои се најдоа:
– Асистивната тастатура за лица со попреченост која се реализира во соработка со Здружението за асистивни технологии „Отворете ги прозорците“ од страна на студентите Мартин Миланоски (КХИЕ), Владимир Китановски (КСИАР) и Марко Зајков (КХИЕ),
– Роботчето со вградена интеракција човек-машина на дипломките Маргарита Ташулова, Даниела Каракулева и Јована Михајловска (КХИЕ),
– Електронскиот шах изработен од дипломецот Дејан Пејчиновски (КХИЕ) и
– Роботската протеза за рака реализирана од асистентот Никола Јовановски (Институт за електроника).

Во ФЕИТ ФабЛаб, визионерите можат да ги оживеат своите идеи преку низа напредни технологии. Со пристап до 3D печатење, CNC машини, опрема за производство на печатени плочки и за реализација на електронски хардвер, креативците можат да ги трансформираат своите соништа во реалност со поддршка на стручниот кадар на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Ресурсите на ФЕИТ ФабЛаб обезбедуваат единствена платформа за иновации и експериментирање, што го прави непроценливо богатство за инженерската заедница во Македонија и пошироко.