ФЕИТ ФабЛАБ реализираше работилница за изработка на електронски кола и уреди за мерење загаденост на воздухот

Објавено: февруари 23, 2024

На 11.02 и 19.02.2024 година учениците од осмо и деветто одделение од училиштето ОУ „Вера Циривири – Трена“ беа гости на лабораторијата за производство – ФЕИТ ФабЛАБ при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Тема на посетата беше реализација на работилница за изработка на електонски кола и користење на уреди за мерење на загаденоста на воздухот. Основната цел на работилницата беше запознавање на учениците од основното училиште со начинот на проектирање и развој на електронски уреди кои служат за заштита на животната средина, како и подигнување на нивната еколошката свест. Во делот на електротехниката, учениците имаа можност да составуваат електронски кола со примена на основни компоненти, да извршат нивно лемење на електронски плочки и конечно да ги тестираат конструкциите. Потоа учениците извршија мерење на параметрите за оцена на квалитетот на воздухот со професионални инструменти и ги толкуваа нивните резултати.

            Работилницата ја водеше Проф. д-р Живко Коколански од ФЕИТ со поддршка од страна на м-р Ефтим Пејовски, дипл. маш.инж. Томислав Поповски и проф. Дивна Карапанчева од Креативен центар – Карпош.

            Со реализација на оваа работилница ФЕИТ ФабЛАБ продолжува со своите активности за промоција на електротехниката кон најмладите ученици овозможувјќи креативен и инспиративен простор за учење и творење. ФЕИТ ја продолжува својата мисија на општествено-одговорна високообразовна институција преку давање континуирана поддршка на проекти од јавен интерес и придонес кон развојот на љубовта кон техничките науки кај децата уште од најрана возраст. Ова е една од голем број работилници кои ФЕИТ ФабЛАБ ќе ги спроведе во наредниот период, а кои ќе бидат фокусирани на младите креативци од основните и средните училишта.