По повод денот на константата „ПИ“ и 60 годишнината од постоењето на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии-Скопје, во просториите на Факултетот, на 14.03.2019 г. од 17 часот, се одржа „Бруцошко интегрирање“. Настанот беше конципиран како натпревар во решавање интеграли. Натпреварувачи беа студентите од прва година, т.е. бруцошите, а студентите од погорните години беа судии и се погрижија за регуларноста на натпреварувањето.
Настанот започна со кратко и инспиративно предавање за константата π од проф. д-р Соња Геговска – Зајкова, a потоа следуваа квалификации, каде од сите пријавени бруцоши натпреварувањето го продолжија осуммина. Потоа, во секој круг се натпреваруваа по двајца учесници, решавајќи ист интеграл, а оној кој завршуваше за најкратко време продолжуваше во наредниот круг. Со ваков принцип на елиминација, во финалето победи Виктор Стојовски, а второто место го освои Сара Кочева.
Иницијативата за организирање на настан од ваков карактер дојде од студентите, а за комплетна организација на истиот се погрижија студентскиот парламент на ФЕИТ, институтот Математика и физика, Деканатот, како и Центарот за нови студенти.