ФЕИТ и GOTOTWIN на меѓународен дијалог за енергетика во Александрија, Египет

Објавено: октомври 14, 2026

Факултетот за електротехника и информациски технологии, преку проектот GOTOTWIN, зеде активно учество на вториот меѓупрограмски дијалог за енергетика, кој се одржа на 7 октомври 2026 година во Александрија, Египет. Настанот вклучуваше претставници на повеќе европски програми за територијална соработка, истражувачки институции и организации од медитеранскиот регион. На настанот, под мотото „Од дијалог до заедничка акција: проекти и политики за отпорен Медитеран“, ФЕИТ беше претставен од проф. д-р Живко Коколански, раководител на проектот GOTOTWIN, кој ги презентираше активностите и резултатите на проектот финансиран преку програмата Interreg IPA ADRION. Во рамките на своето излагање, проф. Коколански ги претстави можностите што ги нуди GOTOTWIN платформата за дигитален близнак, со посебен акцент на нејзината примена во енергетскиот сектор и на потенцијалот за унапредување на обновливите извори за енергија. Посебно внимание беше посветено на отворениот повик за експериментирање во рамките на проектот GOTOTWIN, преку кој заинтересираните организации и компании имаат можност да ги истражат и тестираат придобивките од примената на дигиталните близнаци во реални услови.

Учеството на ФЕИТ придонесе и за зајакнување на видливоста на програмата Interreg IPA ADRION во рамките на пошироката заедница на европските програми за соработка, преку размена на искуства, добри практики и иновативни решенија. Настанот претставуваше значајна можност за воспоставување нови партнерства и поврзување на истражувачките и иновациските капацитети од Јадранско-јонскиот регион со пошироката медитеранска заедница. Со ова учество, ФЕИТ ја потврдува својата активна улога во меѓународните истражувачки и иновациски иницијативи, придонесувајќи кон развојот и трансферот на современи дигитални технологии, како и кон зајакнување на европската соработка во областа на енергетиката и одржливиот развој.