Од 1.4.2023 година, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со Центарот за иновации во Ниш, Србија и компанијата Алфаклима од Србија започнуваат со работа на проектот „IоT SOLTRACK: Примена на Интернет на нешта во соларен тракер на мобилен фотоволтаичен генератор“. Проектот IoT SOLTRACK е финансиран преку третиот повик за експерименти од SMART4ALL. SMART4ALL e проектот поддржан од програмата за истражување и иновации H2020, кој има за цел да подобри капацитетите за пренос на знаење и технологија меѓу академскиот сектор и индустријата на разни Европски институции, преку реализација на самоодржливи, прекугранични експерименти.
Целта на проектот IoT SOLTRACK е развој и тестирање на прототип за преклоплив и мобилен фотоволтаичен систем со батерии, наменет за обезбедување на напојување во автономни системи. За времетраењето на проектот, ФЕИТ ќе соработува со Центарот за иновации во Ниш, со цел да понуди производ на соларен тракер базиран на Интернет на нешта со кој ќе се унапредат моменталните решенија за следење на сонцето со коишто располага Центарот за иновации во Ниш. Компанијата Алфаклима, чија примарна дејност е дизајн и производство за системи за климатизација, има интерес за искористување на технологијата развиена во рамки на проектот, а со своето искуство, опрема и човечки капитал ќе овозможи производство на крајното производ.
Се проценува дека производот има потенцијална примена во земјоделскиот сектор, особено во региони каде земјоделците немаат пристап до електродистрибутивната мрежа за напојување на електричните пумпи и други потрошувачи на електрична енергија. Земјоделскиот сектор е препознаен како клучен домен во Стратегиите за паметна специјализација на Република Северна Македонија и Република Србија, а на ниво на Европската Унија (ЕУ) генерира бруто додадена вредност од околу 186,49 милијарди долари и придонесува со 1,3% во европскиот бруто домашен производ.