Одбележан јубилејот 75 години од IEEE SPS

Објавено: јуни 20, 2023

Во рамките на активностите на Македонската секција на IEEE и Одделот за процесирање на сигнали (SPS) на 16. јуни 2023 во ИНОФЕИТ се одбележа големиот јубилеј – 75 години од основањето на Одделот за процесирање на сигнали IEEE SPS.

Настанот го отвори проф. д-р Анастас Мишев, Претседател на македонската секција на IEEE. Тој нагласи дека Институтот на инженери по електротехника и електроника (IEEE) претставува наjголемата светска организација од овој тип и брои преку 420.000 професионалци од 190 земји во светот, од кои околу 150.000 се студенти. Годишно ИЕЕЕ спонзорира преку 2000 научни конференции на глобално ниво, а базата на научни трудови IEEE Xplore содржи повеќе од 5 милиони публикации, со преку 200.000 нови секоја година.

Специјален гостин на настанот беше проф. д-р Софија Богданова која е првиот претседател на Одделот за процесирање на сигнали (SPS) во македонската секција. Таа кажа дека SPS, основано во 1948, е најстариот од сите оддели на IEEE со над 19.000 членови од преку 120 земји и преку 270 локални ограноци. Таа се осврна на почетоците на овој оддел во Македонија и неговиот развој низ годините.

На настанот свое претставување имаше и тимот студенти кои го освоија првото место на светскиот студентски натпревар по процесирање на сигнали IEEE SP Cup. Задачата на натпреварот, нивното идејно решение и искуствата од натпреварот ги претставија Даниела Јанева, Стефан Крстевски, Матеа Ташковска и Душан Мерџановски.